ПРЕСВРТ ВО АФЕРАТА „РЕКЕТ“ Случајот „Империја“ бил исконструиран, за да се рекетираат осомничените!

Доказите недвосмислено покажуваат дека случаите „Империја“ и „Рекет“ се поврзани. СЈО го градела кејсот „Империја“ не со цел за да се докаже на суд и да заврши со валидна судска пресуда, туку за да послужи на осомничените да им се грабнат милиони евра. Овде нема ни „п“ од правда, другарчиња! Слушнавме докази за притисоци, рекетирања, неправди и тежок криминал. Кој, патем речено, не завршува со обвинетите во аферите „Рекет 1“ и „Рекет 2“.

41121

Ете, другарчиња… Денеска (11 февруари 2020) конечно допревме до сржта на случаите „Рекет“ и „Империја“. Време е да направиме рекапитулација на она што беше презентирано на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје.

Како што знаете, денеска се појавија клучните докази, после кои, барем за оној дел од јавноста што не е опиен од пропагандата на власта, веќе нема дилеми што е суштината на аферата „Рекет“. Се разбира, јас се застапувам обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева целосно да го остварат своето право на одбрана и во тоа име, да се изведат и доказите кои, според нив, ја потврдуваат нивната верзија на настаните. Но, убеден сум дека тоа само ќе ја допотврди вистината којашто се наѕира и сè појасно се артикулира.

После презентираната комуникација меѓу тогашниот премиер Зоран Заев и обвинетиот Бојан Јовановски, наводно непосредно пред Заев да го пријави случајот во Обвинителството, совршено е јасно дека конечно пропаѓа оној веќе стар и излитен спин на апологетите на СЈО, дека во овој случај не станувало збор за рекет, туку за поткуп.

Чист рекет, ами како!

„Боки, ги видов доказите. Можеш ли да замислиш колку сум огорчен. Извини, но грозно е, ова е чист рекет!“.

Оваа реплика на Заев, кој ги видел доказите (тоа е малку чудно за еден премиер, нели, но ај да не наметнувам сега нова тема), јасно покажува дека обвинетите и нивните медиумски апологети, сите кои се надеваа дека Бојан Јовановски и Катица Јанева ќе успеат да се извадат на финтата „поткуп е, не е рекет“, сега треба да се скријат во ќошот, да се засрамат и да замолчат. Репликата на Заев до Боки ги закопа!

Бедните сдсмовски спинери, сепак, не би биле тоа што се, да не се обидуваат оваа изјава да ја искористат од Заев да направат херој на случајот „Рекет“. Онака, предизборно. А „шарениот“ Замир Мехмети дури и ми порачува да сум земел „шеќер и вода“, па ја објавува и онаа моја често (зло)употребувана фотграфија кога насилникот Палчо ме полива со боја. Хахахахахаха! Не, Замирчо, на тебе и на таквите како тебе сега ви е потребно по едно „полче“ (можеби и повеќе од тоа), за да ја преживеете оваа денешна реплика на поранешниот премиер. Патем речено, за да нема забуна, да кажам дека во мојот вокабулар „полче“ е пола чаша вино на Свети Трифун, а не знам што значи тоа за Замирчо и компанија.

Нејсе, оваа реплика на Заев е клучна за да се разбере суштината на скандалот „Рекет“, но таа од поранешниот премиер сепак не прави херој. Далеку од тоа. Веројатно е точно дека Заев го пријавил случајот во Обвинителството (не сум видел записник, не можам да тврдам, но ете му верувам), но точно е и тоа дека Заев пропушти да ја информира јавноста за овој срам и стори сè што можеше за да ги заштити своите партиски соработници кои ја создале и политички ја поддржале оваа рекетарска група. Неодамна напишав кои се тие луѓе што ја создадоа оваа „ќелија“, како и тие што асистирале во рекетирањето. Некои од нив сносат кривична одговорност, а некои само политичка. Не го кријам моето мислење дека политички е одговорен и поранешниот премиер, во најмала рака поради фактот што од политичките поддржувачи и промотори на Боки и Катица веднаш не побара неотповикливи оставки.

Морам суетно да потсетам: случајот „Рекет“ во јавноста го отворив јас, во јуни минатата година. Не Заев. Да, со моите „кики-фрики“ приказни, кои, за несреќа на многу луѓе од власта и на неколку мои колеги впрегнати во сдсмовската пропаганда, се покажаа точни. Почнувајќи од круцијалниот факт: дека „зделката“ меѓу Орце Камчев и тандемот Боки-Катица не е поткуп, туку, да го цитирам уште еднаш Заев, е „чист рекет“.

Инаку, моите приказни за аферата „Рекет“, со кодирани имиња, главно се однесуваа на рекетирањето на бизнисмени преку организацијата Меѓународен сојуз. Тоа е случајот што сега официјално е наречен „Рекет 2“. Убеден сум дека тие мои наводи, сега преточени во тешко обвинение, ќе бидат докажани со цврсти и уверливи материјални докази. Оние посрамотените од мојата фела и од пропагандата на СДСМ, кои знаат дека сум во право и дека пак ќе се потврди она што го пишував (дури и ќе се надгради), веќе нарачуваат нови дози „полчиња“.

Само една е „Мајка“…

Денеска во судот беа изведени уште поважни докази, такви за кои уште сега е јасно дека многу битно, пресвртно ќе влијаат врз случајот „Империја“. Своевремено, со ризик да бидам погрешно разбран и да бидам прогласен за „адвокат на мафијата“ (како што неизбежно и се случи), напишав дека тој случај – така како што беше покренат, „истражуван“ и граден – е една неуверлива приказна. Денеска презентираната комуникација меѓу обвинетиот Бојан Јовановски и адвокатот Васил Димишков (во именикот на Боки 13 запишан како Васе), брат на судијката Весна Димишкова (судијка во претходна постапка во случајот „Империја“), тоа јасно го покажува.

Димишков и Јовановски во својата комуникација ја спомнуваат Катица Јанева под кодното име „Мајка“. Да не не е Јанева? Ма јок… Само една е „Мајка“! Ви текнува? Наводно „нејасните“ пораки прилично јасно укажуваат на долготрајно „хендлање“ на случајот „Империја“, на договарања на обвинителот и на судијата преку посредници – не било кои посредници, туку брат на судијката и „син“ на „Мајката“! – што е апсолутна компромитација на случајот, но и директно вкрстување со рекетарската афера за која се суди. Таа комуникација траела со месеци. Се испраќале (препраќале) дури и фотографии од документи за случајот „Империја“, односно мислења од СЈО испратени до судот. Страшно!

Ако заљубениците во „трите грации“, кои очекуваа случајот „Империја“ да се доведе до ефикасна судска завршница по кратка постапка (само со брифинзи во СЈО и со цртање мапи на наводни криминални шеми), не можеа или не сакаа да поверуваат дека СЈО нема уверлив кејс во рацете, сега, за жал, ќе мора да се предомислат. Ваквите преписки изнесени како докази покажуваат дека „Империја“ е случај исконструиран за да може јако да се изрекетираат осомничените. Како што и се случило, впрочем. Не велам дека вешти и посветени обвинители не можеле посериозно да ги истражат индициите во врска со овој случај, но тоа не била намерата. Не, намерата била осомничените да се ограбат, а судската пресуда да падне под притисок на јавноста, а не со цврсти докази и во валидна судска постапка.

Е тоа е вистината, другарчиња… Жал ми е што денеска ви се распаднаа последните илузии за правдата што требаше да донесе мир. Сè што е поврзано со СЈО и со целиот медиумски и пропаганден „сараундинг“ за поддршка на оваа институција, на крајот е сведен на голо рекетирање, притисоци, неправди, бандитизам. Тоа е вистината што денеска можеше да се слушне јавно, во судница.

Ушите да се сечат!

Мене ми останува само да ве предупредам (како што ве предупредив неколку пати до сега, ама не слушавте), да не се истрчувате пак, другарчиња, бидејќи ова што го слушнавте не е сè. Многу нови грозни работи допрва ќе слушате и допрва ќе се скандализирате. Пред изборите, но и после изборите, без оглед на нивниот исход. А јас сега нема да ви ги отворам очите и да ги откривам тажните вистини (не до 12 април), бидејќи тие сами ќе избиваат на виделина. Неизбежно. Шилото си врти. Упорно. Веројатно тоа ќе се случува секојдневно, оти наскоро почнува изборната кампања, формалната и неформалната.

На загрижените за моето здравје, им порачувам дека се чувствувам комотно и пријатно. Кибицирам, коментирам и – толку. Проблем за сегашната власт ќе биде ако се охрабрат осомничените во случајот „Империја“, како и бизнисмените што се спомнуваат во други афери непосредно или посредно поврзани со „Рекет 1“ и „Рекет 2“. Очекувам некои од тие луѓе да преминат во офанзива, да бараат сатисфакција за рекетирањата, за притисоците, за малтретирањата… Дадени се големи пари на разни луѓе, а за сите тие  „трансакции“ сè уште не е разговарано јавно.

Во оваа прилика, треба да се одговори на уште едно важно прашање – ако случајот „Империја“ бил конструкција смислена за рекетирање на бизнисмени како Камчев и Панделески, зошто тие луѓе ги прифаќале уцените, зошто влегувале во игрите, зошто плаќале, зошто попуштале?

Пред да ви го кажам одговорот, ќе ви раскажам еден многу стар и познат виц. Решиле Бугарите на сите магариња да им ги исечат ушите. Тргнале сите бугарски магариња да бегаат преку граница во Македонија, на безбедно. Меѓу нив и еден зајак. „А што бегаш ти – прашало едно магаре – ти си зајак, а не магаре?!“ Зајакот одговорил: „Да, ама додека објаснам кој сум и што сум, отидоа ушите“. Ја сфаќате поентата?

Во она магарешко време, во она време на ултрапопуларност на „Чарлиевите ангели“, време на сомнителни брифинзи на новинари и на уште посомнителна медиумска поддршка еден неистражен и неподготвен случај да заврши со експресна „егзекуција“ на осомничените (прописно измалтретирани по притвори), објаснувањето и терањето правда сигурно не можело да биде опција. Луѓето решиле да преговараат, да жртвуваат пари за мир и спокојство. Ако може. Главна била „Мајката“. И „синот“ бил главен. И „отецот“, за кого допрва ќе се зборува. И „духот божји“, нормално. Сите заедно тогаш врескаа – уште веднаш да им се сечат! Ете, затоа луѓето плаќале, плаќаа и откако беше откриена аферата „Рекет“, плаќаат и денес, а ако нешто не се промени, веројатно ќе плаќаат и во иднина.

Заедно со нив, за жал, на свој начин, плаќаме сите ние, граѓаните на оваа тажна земја. Плаќа Македонија. Голема цена. Огромна. Нема ни правда ни мир.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...