Српската маратонка Оливера Јевтиќ, која на маратонот „Охрид трчат“ се пријави со цел да ја промовира трката и градот, доживеа невиден срам откако беше дисквалификувана поради наводно промашување на патеката.
„Организаторот на „Охрид трчаТ“, Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – Сите за спорт“, со жалење ја известува целокупната спортска јавност дека натпреварувачот Оливера Јевтиќ од Србија со стартен број 910, при трчањето на вториот круг на трката на 10 километри ги прекрши правилата на патеката и на таков начин ја скрати патеката за 360 метри. По прибирањето на дополнителни информации, фото, изјави на учесници и изјавите на судиите Марјан Бошалески и Пеце Георгиевски, задолжени за судиско место „Кеј Македонија – хотел Ројал“, одлучивме натпреварувачот со стартен број 910 да го дисквалификуваме од трката на 10 километри во конкуренција на жени. На таков начин, официјален победник на 10 километри на „Охрид трчаТ 2018“, во женска категоријата е Андријана Поп Арсова, втора е Миљана Ристиќ, додека трета е Весна Кираџиева“, пишува во соопштението на организаторите.
Јевтиќ на целта имаше време 35:42 минути, односно за пет и пол минути беше побрза од Поп Арсова.
Дисквалификацијата се случила 24 часа по трката. Јевтиќ беше убедливо прва, со голема предност пред второпласираната и немаше потреба намерно да ја „крати“ патеката за да добие дополнителна предност пред конкурентите. Особено што кратењето било 360 метри, што не одзема повеќе од две минути, според темпото со кое трчала Јевтиќ.
Присутните можеа да се уверат дека грешката се случила поради необележаната патека на која се трчал маратонот, згора и без придружно возило која треба да ја предводи водечката група, како што налагаат правилата на Меѓународната атлетска федерација.
Јевтиќ е носителка на повеќе медали од европски и светски првенства во сениорска и младинска конкуренција на долги патеки, во маратони и во крос-кантри натпревари.