Вицепремиерот Бујар Османи, кој денеска сведочеше во случајот „Монструм“, рече дека бил во посета на еден од обвинетите, а како причина за тоа наведе дека имало некое писмо испратено од семејството на обвинетиот Хаки Азири.
Во писмото било побарано да му каже на семејството каде им е синот.
– Родителите на Хаки пратиле писмо јас да кажам каде им е синот. Тоа ме погоди. По настанот и акцијата имаше свикано претседателство во партијата и се донесоа одредени ставови, кои јас требаше да ги пренесам во јавноста. Во интервју на национална телевизија, требаше да ги кажам ставовите. Истиот ден или наредниот, на национална телевизија, додека бев во операциона сала, имаше писмо од еден од обвинетите, Хаки Азири, во кое стоеше „Нека каже Бујар Османи каде е мојот син?“. Ми беше важно да кажам дека не знам каде е. Преку луѓе кои се соседи, побарав да се сретнам со нив за да им ги пренесам ставовите – рече Османи, кој само тогаш, како што објасни, го посетил ова семејство.
Вицепремиерот објасни дека првото судење поради нетранспарентност довело до недоверба во целиот судски процес.
– Добро е да се види повторен, транспарентен судски процес каде сите зборови се следат од јавноста, каде овој процес се деполитизира, декриминализира и каде граѓаните би верувале во овој судски процес. Денес јас бев сведок, а во минатото гласноговорник на ДУИ. Мислам дека беше многу важно да се повтори судењето на овој случај, бидејќи граѓаните не веруваа. Ние не сме правеле притисок врз судството – додаде Османи.
Следното рочиште продолжува на 27 февруари, а како сведоци се поканети Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК и високи поранешни функционери на ДУИ како Муса Џафери и Блерим Беџети, порашен министер за правда.