Ахмети го мерка победникот, Заев ги брои пратениците

Принципот победник со победник е завршена работа. Владата ја прават бројките. Тој што ќе има 61 пратеник може да формира влада, вели потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири, во изјава за Плусинфо.

4274

Партијата на Али Ахмети со цврст став дека ДУИ како победник на претстојните избори ќе биде дел од новата влада, дури и ако СДСМ во предизборна коалиција со Беса и со ДПА освои повеќе од 61 пратеник и ако лидерот на социјалдемократите Зоран Заев освои чист мандат.

Од СДСМ се децидни дека влада ќе прави коалицијата која ќе освои 61 пратеник.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, пак, по најавата на СДСМ, Беса и ДПА дека деновиве ќе седнат на маса за договор за евентуална предизборна коалиција, изјави дека очекува принципот победник со победник да се почитува.

– Една грешка е направена во 2006, 2008 година кога во влада влезе партијата која не ја претставуваше волјата на Албанците. Ако победат, се разбира дека ќе бидат во власта, но тој што ќе победи кај Албанците, тој ќе ги претставува Албанците во владата. Ова прашање за жал го сфативме на најлошиот начин преку искуство. Изборите во 2006, 2008 година ни покажаа дека државата не смее да дозволи такво нешто уште еднаш. Имаме избори пред нас, ние сме убедени дека ДУИ ќе извојува една од најголемите победи – рече Османи.

Претходно со порака дека победник со победник ќе прават влада излезе и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој нема дилема дека доколку ДУИ победи на изборите ќе ја формира новата влада.

За најавата за можната коалиција помеѓу СДСМ, Беса и ДПА, Ахмети денеска изјави дека не гледа ништо во тој сојуз затоа што не знае ништо за таа коалиција.

Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири, во изјава за Плусинфо вели дека на изборите важни се бројките.

– Принципот победник со победник е завршена работа. Владата ја прават бројките. Тој што ќе има 61 пратеник може да формира влада. Принципот победник со победник токму ДУИ го напушти на изборите во 2016 година. Ваквите изјави на Османи покажуваат страв кај ДУИ дека е можно оти по изборите ќе завршат во опозиција – ни изјави Зеќири.

Како што и претходно објавивме, идната недела се очекуваат разговори помеѓу СДСМ, ДПА и Беса за заеднички настап на изборите. Според информациите, Заев ќе има одделни средби со лидерот на Беса, Билал Касами, и со лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Првичните позиции на трите партии се дека има расположение за предизборна коалиција. Останува отворено прашањето дали ќе биде договорена трипартиска соработка, бидејќи според информациите на Плусинфо, Касами не го сака Тачи во коалицијата со СДСМ.

Тачи, пак, од друга страна, за коалиција со Заев испорача услови, прво, тој да биде вицепремиер во новата влада и второ, во извршната власт да не партиципира ДУИ.

Допрва ќе биде интересно да се види дали воопшто е можно првпат да има македонско-албанска предизборна коалиција за парламентарни избори. Ако се оствари соработка која од партиите Беса или ДПА ќе партиципира во коалицијата и дали е можно доколку на изборите победи коалицијата предводена од СДСМ и ДУИ да биде дел од новата влада.

Во таков случај надвор од владата би останала ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата помеѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...