Во моментов нема потреба од загриженост, но ако претпоставиме дека наскоро во земјава ќе влезат 100.000 мигранти, тогаш ние нема да можеме да ги спречиме ниту со тенкови, ниту со војска на границите. Ова за Плусинфо го вели националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров, кој посочува дека за разлика од 2015 година кога бегалците доаѓаа во земјава во повеќе мали бранови, овојпат постои можност на границата со Грција одеднаш да се соочиме со вртоглава бројка од илјадници мигранти.
– Во моментов нема потреба од загриженост, но ако претпоставиме дека во земјава ќе влезат 100.000 мигранти, тогаш ние нема да можеме да ги спречиме. И со тенкови, и со војска на границите, нема да имаме шанса да се спротивставиме на еден таков бран. Меѓутоа, имајќи предвид дека Агенцијата за заштита на надворешните граници на ЕУ (Фронтекс) веќе презеде многу остри мерки и секојдневно назад враќа по 10.000 бегалци, сметам дека нема да дојде до дополнително комплицирање на работите – вели Пивоваров.
Тој објаснува дека Македонија е втора заштитна зона, а како што додава, ако првата заштитна зона попушти, тогаш и ние ќе се соочиме со сериозен проблем.
– Поинаку ќе гледаме на работите ако евентуално попушти првата брана, бидејќи тоа ќе значи дека нашата земја ќе биде следната точка на мигрантскиот патен правец. Ако се сеќавате, во 2015 година ние имавме една таква ситуација, но тогаш бегалците доаѓаа во повеќе мали бранови. Сега може да биде многу пострашно. Турските медиуми известуваат дека камповите во Турција ги напуштиле околу 100.000 бегалци, а тоа е огромна бројка. Замислете, тоа е исто како цело Куманово одеднаш да го испразните. Како и да е, ние како земја ги презедовме сите потребни мерки, а и полицијата е постојано на готовс. Сите мерки се преземени согласно нашите капацитети. Ние имаме 2.800 вработени во Гранична полиција, па логично е дека на границата со Грција не можеме да испратиме 20.000 полицајци – објаснува Пивоваров.
Според техничкиот премиер Оливер Спасовски, системот за справување со нова миграциска криза функционира постојано, и како што рече, сите надлежни институции се максимално посветени на справување со евентуален зголемен број бегалци.
– Ние сме транзитна земја, имаме два транзитни центра, Винојуг и Табановце, и ако дојде до какво било отворање на рутата, односно зголемување на бегалци низ Република Северна Македонија, може само да транзитираат или да се донесе времен престој до 72 часа – рече Спасовски.
Тој информираше дека Управувачкиот комитет на седница разговарал подетално за оваа состојба, како и дека службите следат и на дневна основа информираат, а соработката со државите од опкружувањето во овој регион е добра и дека со нив има постојана комуникација.
Претходно и Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека состојбата на нашата јужна граница е непроменета, како и дека полицијата е постојано подготвена и дека граѓаните немаат причина за загриженост.
– Состојбата на јужната граница е непроменета. Имаме стандардна бројка на обиди за нелегален влез во нашата држава. Граѓаните немаат причина за загриженост. Нашата полиција е подготвена и постојано е присутна на јужната граница. На нашите полициски службеници веќе неколку години им помагаат и полицајци од неколку пријателски држави и со заеднички сили се справуваме со сите нелегални обиди за влез во земјава – истакна портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, уште еднаш повтори дека земјава е подготвена за справување со евентуален наплив на бегалци од Сирија и е во постојана координација со Фронтекс и со земјите-членки на Европската Унија.
– Ние сме во постојана координација со земјите-членки на ЕУ и со нашите партнери ја следиме состојбата уште од моментот кога почна да се разгорува ова прашање. Нашите институции се подготвени за справување со евентуален хипотетички бегалски бран, но тоа справување е повеќе во координација со Фронтекс и со земјите-членки на ЕУ со кои споделуваме заедничка политика во однос на мигрантите – изјави Османи.
Фронтекс, пак, викендов составила доверлив извештај чија содржина сепак протече во медиумите. Во извештајот е наведено дека се очекуваат масовни миграции од Турција, објави германскиот „Велт“, кој имал увид во документот.
„Ќе биде тешко да се сопре огромната маса на луѓе упатени кон Европа“, предвидува извештајот, а во него исто така е наведено дека во следните денови притисокот само ќе расте.
Според податоците на ОН, на грчко-турската граница во моментов се наоѓаат над 13.000 бегалци кои ноќта ја минале под отворено небо. Особено е драматично на островот Лезбос каде што преку викендов се случи судир меѓу локалното население и бегалците, а имаше и претепани новинари и активисти за човекови права. Грција вчера соопшти дека се соочува со сериозна закана поради тоа што илјадници мигранти се собираат на нејзините граници откако Турција реши да им го отвори патот кон Европа.
Фото: EPA-EFE/TOLGA BOZOGLU