Обучуваме кадар кој лесно заминува од земјава

Процесот на одлив на кадар е започнат и ќе трае, но мислам дека најголем мотиватор за работниците и инженерите да останат во земјата не се само платите, тоа се инвестициите преку кои работниците добиваат ангажман, смета Ристо Јаневски, претседател на зружението за енергетика на Стопанската комора.

820

Само преку инвестиции и обука на кадарот компаниите можат да се справат со одливот на високостручен кадар во странство, изјави Ристо Јаневски, претседател на Здружението за енергетика на Стопанската комора коментирајќи ги обидите на Германија преку најразлични олеснувања да привлече кадар кој им недостига на тамошните компании.

Тој на денешната прес-конференција во Kомората зборувајќи за новата методологија за препознавање на знаењата на вработените во градежништвото посочи дека проблемот со одливот на кадар настанува кога компаниите од градежништвото немаат работа.

– Процесот на одлив на кадар е започнат и ќе трае, но мислам дека најголем мотиватор за работниците и инженерите да останат во земјата не се само платите, тоа се инвестициите преку кои работниците добиваат ангажман – рече Јаневски.

Како пример за вакви инвестиции во енергетскиот сектор ги наведе фотоволтаиците за што веќе се потпишани договори за инсталирање на 62 мегавати.

– Токму за тоа е и последниот оглас со кој се лиценцира знаењето на работниците кои инсталираат фотоволтаици и соларни панели и за обучени инженери за дизајнирање на соларни системи и фотоволтаици – рече Јаневски.

Од Здружението за енергетика информираа дека според европските прописи компаниите мора да инвестираат и во обука и дообука на кадарот и сертифицирањето на неговите знаења за да можат да конкурираат за одредени работи во Европската унија, зашто на пазарот на Унијата без сертифицирани работници тешко се добива работа.

– Сертифицираните работници се основен услов да се конкурира на тендери во Европската Унија. Значи компаниите нема да бидат конкурентни, односно нема да можат да работат таму, ако немаат лиценциран кадар – појасни Јадранка Аризанкова од Комората.

Во рамки на проектот за енергетска ефикасност во земјава финансиран од Европската Унија, во изминататиот период се лиценцирани 1.000 работници, а во тек е огласот за сертифицирање на кадар од повисоките категории на образовани работници и инженери обучени за дизајнирање на фотоволтаици и сончеви панели.

– Досега аплицирале 50 кандидати што е доволно, но очекуваме бројката да се зголеми до 13 март до кога е пролонгиран огласот. Се сертифицираат девет струки, а е значајно тоа што се сертифицираат занимања за повисоки нивоа на квалитет – вели Лихнида Стојановска Георгиевска, професорка на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Таа појасни дека земјава е единствена во регионот која работи на проектот за лиценцирање на обученоста на кадарот без разлика дали обуката е стекната во процесот на работа или преку неформално образование.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...