По воведувањето на проектот на општина Куманово „Нулта толеранција за узрупација на јавно прометните површини“ и по набавката на ново пајак возило од град Скопје, четирикратно се зголемил обемот на работа на ЈП „Куманово-Паркинг“, информираа, денеска надлежните од претпријатието.
Според податоците на претпријатието по воведувањето на проектот просечно дневно се креваат 20 возила, а претходно таа бројка изнесувала по пет возила дневно.
Граѓаните забележуваат дека пајак возилото кое е донација од град Скопје постојано е низ улиците во споредба со претходниот период кога непроприсно паркираните возила ги отстранувало амортизираното возило од 1984 година, сопственост на ЈП „Куманово Паркинг“.
– Граѓаните, пред се, имаат бенефит од овој проект, се растеретува сообраќајниот метеж, особено во летниот период кога има зголемена фрекефенција, тука се и сограѓаните кои работат во странство – вели директорот на претпријатието, Фадиљ Шабани.
Бенефит од воведувањето на проектот има и претпријатието во однос на прибирање на приходите. Средствата кои се прибираат по оваа основа ќе се реинвестираат за проектот изградба на три монтажни катни гаражи во Куманово. Шабани е задоволен и од воведувањето на новиот систем на функционирање на петте подзони за паркирање во централното градско подрачје, кој беше воведен пред неполни три месеци. На ниво на Куманово има 500 паркинг места.