Портпаролката на генералниот секретар на НАТО Оана Лунгеску по почетокот на пристапните преговори за членство на Македонија во Алијансата, изјави за МИА дека денешниот настан е важен чекор за Македонија и оти земјата сега има историска можност да стане дел од евроатлантското семејство ако се имплементира Договорот со Грција.
– Земјата одбележа важен чекор денеска со започнувањето на дводневните пристапни преговори во седиштето на НАТО, изјави за МИА Лунгеску.
– Преговорите ја покриваат безбедноста, одбраната, политичките, правните и финансиските прашања како и целите и роковите кои Скопје треба да ги исполни за време на и по зачленувањето. Ова е продолжување на работата на пристапниот процес кој започна во јули по поканата на сојузниците на Самитот во Брисел. Скопје има историска можност да го спроведе Договорот за името и да ја внесе земјата во евроатлантското семејство. Ова ќе помогне да се консолидираат мирот и стабилност ширум Западниот Балкан, изјави Лунгеску за МИА.
Делегацијата на Владата на Република Македонија, предводена од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, ја отворија денешната сесија со помошник генералниот секретар на НАТО, амбасадорот Александро Алваргонзалес, и со тимот на НАТО за преговори со Македонија.