Работната група за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим соопшти дека не предлага затворање на музејот, туку преименување со скратување на името во: „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“.
На Министерството за култура му предлага и формирање стручна комисија која ќе направи нова историска поставка во музејот во која, според оценка на работната група, доминантно место треба да имаат оригинални документи и предмети, а помалку восочни фигури, уметнички слики и сценографии. Тие сметаат дека сегашната поставка не е научна, туку театарска.
Работната група под претседателство на историчарот Александар Литовски и петте членови (Донка Барџиева-Трајковска, Елеонора Петрова, Златко Теодосиевски, Гордан Николов и Жарко Трајановски) назначена во март, до Министерството за култура доставила елаборат од 31 страница – од увидот и анализата на документацијата во музејот од што произлегуваат и препораките.
Литовски денеска на средба со новинарите рече дека очекува Министерството за култура да ги прифати нивните предлози и стручна екипа да изработи нова поставка која, како што рече, треба повеќе да обрати внимание на сегашноста и иднината, да поттикнува соработка и соживот, а не да прави поделби во општеството. Според него, сегашната поставка е слика за партизација затоа што доминираат експонати поврзани со основањето на историското ВМРО до сегашното ВМРО-ДПМНЕ со восочната фигура на Драган Богдановски, еден од основачите на партијата.
– Од 13 оддели во музејот, осум се чисто за историјата на МРО, ВМРО, ТМОРО…, односно континуитет од 1893 од 1991 година, а и во другите пет оддели повторно, индиректно се зборува за дејците на ВМРО низ историјата, рече Литовски.
Донка Барџиева-Трајковска, член на работната група, рече дека анализирале обемен материјал од околу 270 документи за да ја следат хронологијата на изградбата на музејот. Утврдиле дека се прекршени четири закони – за буџет, за спроведување на буџетот, за музеи и за заштита на културното наследство.
Во првата буџетска година (2007) во ставка за музејска и кинотечна дејност биле наменети 16.600.000 денари. Тогаш првпат и се појавува името на музејот во документација, а одлуката за основање е донесена во 2008 година. Музејот беше отворен во 2011.
– Крајната сума се 12 милиони евра кои се потрошени до отворањето на музејот. Со тоа што изградбата е ставена во музејска и кинотечна дејност, прекршени се законите за буџет и за спроведување на буџет. Тоа е злоупотреба на пари кои се наменски, бидејќи се однесуваат на функционирањето на музејската и кинотечната дејност. Законот за музеи е прекршен зашто не се испочитувани условите за формирање музеи, меѓу кои се и изработка на елаборат, кој воопшто не постои. Исто така, не била побарана согласност од матичната установа – Музејот на Македонија – рече Барџиева-Трајковска.
Законот за заштита на културното наследство е прекршен со тоа што во 2013 година овој музеј бил прогласен за културно наследство по сила на закон (ex lege) иако за тоа не биле исполнети условите.
– Музејскиот материјал во самиот музеј треба да биде валоризиран и категоризиран најмалку со вредност од последната категорија – значајно културно наследство. Тоа досега воопшто не е направено, а не пак во моментот на прогласување пред пет години кога го добил тој статус. Истото се однесува и на депандансот – Порта Македонија, за кој не знаеме по кој основ го добил таквиот статус – рече Барџиева-Трајковска, додавајќи дека во релација со Управата за заштита на културното наследство и Конзерваторски центар-Скопје во процедура е преиспитувањето и бришењето на тој статус.
Прекршени се и принципите за музејска дејност бидејќи концепцијата на поставката ја правеле универзитетски професори и историчари, а не музејски работници кои се компетентни и надлежни за музејска презентација.
Според неа, тие навлегле во нешто што не претставува наука, туку импровизација затоа што описите на историските личности и сцени не произлегле од фотодокументација, туку од сугестиите на авторите на концепцијата на поставката. Оригиналните документи и предмети се заменети со илустрации според субјективни замисли.
Според работната група, спорно е што има премногу насилни сцени поткрепени со непотребни аудиовизулени ефекти. Тоа, според нив, не е работа на музеите, а со оглед дека најбројни посетители се деца од прво до четврто одделение, рекоа дека требало некој да се заинтересира и за „чувството на мачнина што поставката ја предизвкува по излегување од музејот“.