Парламентарни делегации од регионот, меѓу кои и пратеници од македонското Собрание деновиве во Вашингтон присуствуваат на настани и обуки за борба против корупција и транспарентно владеење организирана од Меѓународен републикански институт (ИРИ). Делегацијата од македонското Собрание е составена од пратениците Артан Груби од ДУИ, Горан Мисоски од НСДП и Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, потпретседателот на Собранието и пратеник од НСДП Мисовски смета дека е добро што сегашната Влада, за разлика од некои други поранешни влади, не ги става под тепих корупциските скандали.
– Посебен пример е таканаречената афера „Рекет“, кога самиот премиер Зоран Заев ја пријави во Антикорпуциската комисија и во Јавното обвинителство. Ние како Влада и како парламентарно мнозинстви апсолутно имаме единствен став, дека борбата против корупцијата мора да биде на највисоко ниво – рече Мисовски.
Според него, ако една власт постави високи стандарди за нула толеранција на корупцијата, секоја идна влада мора да ги следи тие стандарди.
-Тоа е нешто што нашите пријатели во САД постојано ни ги укажуваат – истакна тој.
Мисовски е убеден дека Македонија на 15 октомври ќе добие датум за отпочнување преговори, а на 4 декември на Самитот на НАТО земјата ќе стане полноправна членка на Севрноатлантската алијанса.
– Мислам дека нашата земја се движи во вистинскиот правец, па дали добро сме сработиле, тоа ќе го кажат граѓаните на избори идната година.
Во изјава за МИА Груби истакна дека целта на посетата е обука и конфереција за борбата против корупција и транспарентното владеење.
– Овде сме да научиме од најдобрите американски практики, како федералната влада и локалните власти на САД се борат против корупцијата, затоа по Вашингтон одиме да се запознаеме со антикорупциските практики во градот Индијанаполис – изјави Груби.
Во рамките на посетата пратениците денеска имаат работна посета на американскиот Конгрес. Груби синоќа се сретна со републиканскиот сенатор Рон Џонсон, голем поддржувач и пријател на целиот регион, и со Дејвид Констеланчик, директор на канцеларијата за јужна и централна Европа во Стејт департментот.
– Сенаторот Џонсон истакна дека ги поддржува нашите евроатлантски интеграции и очекува дека процесот со ратификацијата за членство на нашата земја во НАТО ќе заврши набргу, и посебно поддржува датум за нашата земја да отпочне преговори со ЕУ – изјави Груби.
Тој додаде дека во Стејт департментот разговарал за реформите во судството, владеењето на правото, борбата со корупцијата и интеграцијата на нашата земја во НАТО и ЕУ и поддршка да се продолжи со реформите.
-Тема за разговор и на двете средби беше законот за јавно обвинителство и за реформите во правосудството – рече тој.
Пратеничка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска за МИА изјави дека парламентарната делегација учествувала на конференција на ИРИ на која имале средби и со поранешни конгресмени кои говореле за нивните искуства со борба против корупцијата и одговорното владеење.
– Она што беше истакнато е дека корупцијата е процес кој нема да застане, независно колку и какви чекори се прават, но целта е таа да се намали, со нејзино препознавање во сите сегменти во живеењето и во сите нејзини форми, кои се разни – неа ја има и во политиката и во извршната власт. А ние треба да имаме изградени капацитети за тоа да може да се сузбие – истакна Кузмановска.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторно истакнаа дека случајот „Рекет“ и притворот на сега веќе поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е нешто за што нема никакво оправдување.
– Нашата партија излезе со јасен став – целосно расчистување на случајот – рече Кузмановска.
Тројцата пратеници синоќа беа и во Македонската мбасада во Вашингтон каде присуствуваа на отворањето на изложбата Мултикултурна група на уметници на Република Северна Македонија.
Обуката во САД на пратенички делегации од разни партии од Северна Македонија, Србија, Албанија и Романија е финансирана од американскиот Стејт департмент, а реализирана од ИРИ и од Институтит за претставничка власт, и завршува на 25 септември.