Тринаесетгодишниот охриѓанец Марко Пејчиновски денеска го стартува својот ултра маратон, во кој ќе се обиде да преплива 64 километри во водите на Охридското Езеро од Охрид до Свети Наум до Струга и назад до Охрид, во знак на поддршка на лицата со ретки болести.
Маратонот на Марко почнува вечерва од Градското пристаниште во Охрид, а предвидено е кружната патека преку езерото да ја заокружи утревечер на истото место. Марко ќе плива речиси 24 часа.
Марко Пејчиновски минатата година направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид. Тој е најмладиот пливач, кој ја препливал таа делница, со што се вмеша меѓу легендите на пливачкиот маратон. Успехот на Марко е дотолку поголем што и самиот тој се соочува со здравствени проблеми, односно има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.
Инаку, за претстојниот негов подвиг се изработени маички во бела и црна боја што се продаваат по цена од 300 денари, а целиот приход собран од продажбата е наменет за помош на лицата со ретки болести.
За минатогодишниот подвиг Марко ја доби Свети Климентовата повелба – највисоко признание што го доделува Општина Охрид, како и „Златна Буба Мара на популарноста“.