Македонската ракометна репрезентација ослабена без неколкумина стандардни од првиот состав, загуби на пријателскиот натпревар против селекцијата на Русија.
Избраниците на Раул Гонзалез играа одлично во првото полувреме кое го завршија со предност од 19:15, но Русија знаеше да ги искористи проблемите со реализацијата на нашиот состав во текот на второто полувреме и направи пресврт за победа од 23:27.
За „црвено-жолтите“ не настапија капитенот Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Борко Ристовски, Гоце Георгиевски и Никола Митревски, а посериозна шанса добија неколкумина помлади играчи, меѓу кои и најмладиот Мартин Серафимов, член на кадетската репрезентација.
Со овој натпревар се затвораат подготовките на сениорите во рамки на ЕХФ неделата.
Следниот собир на репрезентацијата е на почетокот на јуни 2018, во пресрет на бараж натпреварите за Светското Првенство 2019 против селекцијата на Романија.