Македонија на 56. место во светот, а четврта во регионот, според индексот на човекови слободи

Листата на Институтот Като, САД, опфаќа вкупно 162 држави во светот со оценка од нула до десет индексни поени. Нашата земја доби оценка 7,34

398

Северна Македонија се наоѓа на 56.то место во светот според Индексот на човекови слободи на Институтот Като, САД, за 2019 година со оценка 7,34, што ја рангира на четврто место меѓу балканските држави.

Според Институтот, најслободни земји на Балканот се Романија (30. место), чиј индекс изнесува 8,11, на второ место е Албанија – 7,84 (38. место), а на трето се наоѓа Бугарија (39. место) со 7,79 индексни точки од 10-степената скала. Потоа следуваат Грција на петто место со 7,33 (57.место во светот) и Србија на шесто место со 7,30 (58. во светот).

Турција се наоѓа на 122 место со 6,21 индексни точки.

На дното на листата на Источна Европа е Украина со 6,26 (на 118 место).

Индексните оценки се даваат согласно 76 показатели, поврзани со личните и економските слободи во многу области, вклучувајќи владеење на законот, безбедноста, слободата на движење, религијата, здружувањата и граѓанската организција, изразувањето и информацијата, како и почитување на сопственоста, пристап до финансии, трговски слободи и регулирање на работните и бизнис односи.

Листата опфаќа вкупно 162 држави во светот со оценка од нула до десет индексни поени.

Во горниот дел на списокот се наоѓаат Нов Зеланд со 8,88 поени, пред Швајцарија (8,82), Хонгконг (8,81), Канада (8,65), Австралија (8,62), Данска и Луксембург (по 8,56), Финска и Германија (по 8,53) и Ирска (8,52).

На дното на листата од 151 до 162 место се Ангола (5,40), ДР Конго (5,36), Етиопија (5,25), Иран (5,10), Алжир (4,99), Либија (4,64), Египет (4,50), Ирак (4,34), Судан (4,32), Јемен (4,30), Венецуела (3,80) и Сирија (3,79).

По региони највисоки показатели за човекова слобода има во Северна Америка, Западна Европа и Источна Азија, а најниски на Блискиот Исток, Северна Африка, Африка на југ од Сахара и Јужна Азија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...