Во судот денеска беше презентирана видео снимка на која се гледа како третообвинетиот Зоран Милевски Кичеец влегува во домот на бизнисменот Јордан Камчев, кој е сведок во предметот „Рекет“.
Кичеец накратко во ходникот разговара со машко лице со сина кошула, а во раката држи хартиена ќеса.
На друга снимка што беше прикажана во судницата, а која е со датум 20.02.2019 година се гледа како Милевски доаѓа повторно во домот на Камчев заедно со првообвинетиот Бојан Јовановски. Беше прикажана снимка и како од дворот на Камчев излегуваат Милевски и Јовановски, а Милевски носи торба „Луј Витон“ во десната рака, а Јовановски носи црна торба.
Снимките што како доказен материјал беа прикажани во судницата до обвинителството ги доставил бизнисменот Јордан Камчев, а потекнуваат од безбедносните камери во неговиот дом. Станува збор за снимки кои летоска ги објави и италијанскиот весник „Ла Верита“, со тоа што денеска беа прикажани пет снимки снимени од различни агли а на кои се виде влегувањето и излегувањето на Кичеец и Боки 13 кај Камчев.
Судењето продолжува со изнесување материјални докази од страна на обвинителството.