ЕУ брза полека на Балканот

Со затворање на вратата за балканските земји-кандидати Унијата го губи своето најважно геополитичко средство за влијание врз земјите од соседството како Македонија и Албанија. На ЕУ-самитот во Загреб во мај се очекува дека тоокму геополитичките амбиции ќе бидат тестирани, и дека всушност нема само да се распрснат како убав реторички меур. 

737

Ветото на францускиот претседател Макрон и понатаму ја потхранува претпазливоста и воздржаноста кај оние што се двоумат да дадат поддршка за натамошно проширување на ЕУ. Многумина сметаат дека е неразумно да се инсистира на проширување во време кога Унијата ја разјадуваат тешки внатрешни предизвици.

Искуствата во последните години покажаа дека најсилен надворешно-политички инструмент на ЕУ се состои во нудењето перспектива за идно членство. Тоа го заострува процесот на приспособување, каде што ЕУ може да дејствува како „мека сила“. Очекувањата се дека на таа линија ќе функционира и новата методологија за пристапни преговори за членство, со цел да се унапреди кредибилноста, динамиката и предвидливоста на процесот.

Со затворање на вратата за балканските земји-кандидати Унијата го губи своето најважно геополитичко средство за влијание врз земјите од соседството како Македонија и Албанија. На ЕУ-самитот во Загреб во мај се очекува дека тоокму геополитичките амбиции ќе бидат тестирани, и дека всушност нема само да се распрснат како убав реторички меур.

Истражувањата на паневропскиот тинк-тенк ЕЦФР покажуваат дека европските граѓани се загрижени. Кога е во прашање проширувањето на ЕУ, Европејците би ја дале својата поддршка само доколку тоа би значело и директна полза за граѓаните на Унијата. Во мнозинството земји-членки помалку од 25 отсто од испитаниците одговориле дека земјите во Западен Балкан би требало да станат ЕУ-членки во наредните десетина години.

Европејците пред сè посакуваат една ЕУ која покажува разбирање дека климатските промени и миграциите се фундаментални причини за нивното чувство на несигурност. Многу малку трпение е останато меѓу европските граѓани околу бесконечните преговори на ЕУ-лидерите за идните проширувања и околу нивната неспособност да дејствуваат и соработуваат како глобален актер.

Од друга страна, Европа, и покрај барањата за спроведување тешки и комплексни реформи, и понатаму ги привлекува граѓаните во земјите-аспиранти за членство. Во исто време, проширувањето, кое е сè уште мошне далеку од својата завршна фаза, добива во тежина врз основа на неоспорното сознание дека слабата демократија во непосредното соседство на ЕУ подразбира ризик за нејзината стабилност.

Тринаесет источноевропски земји силно лобираа за почеток на преговорите за членство со Македонија и Албанија, залагајќи се границата на ЕУ да се премести кон југ, а со што мирот и стабилноста во земјите во соседството би станале дел од одговорноста на Унијата.

Но тоа не е еднакво привлечно и за западните ЕУ-центри, на пример во Париз, Хаг или Копенхаген. Не значи ли, меѓу другото, дека со приемот на западнобалканските земји ќе се зголеми бројот на ЕУ-членките што ќе се солидаризираат и во многу нешта ќе ги делат ставовите и гледиштата со Источна Европа?

На Источноевропејците секако им се потребни уште поголем број пријатели. Источните членки на Унијата се борат да ги задржат своите големи дотации од ЕУ-фоновите, додека западните земји би сакале парите да се искористат и за други важни прашања.

Станува јасно дека претседателката на Европската комисија Урсула ван дер Лејен, која е израсната во Брисел, каде што нејзиниот татко извршувал високи функции како ЕУ-бирократ, посакува една пообединета Европа. На сличен начин би можел да се опише и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Ова дуо ги води преговорите за ЕУ-буџетот, за отварањето на преговорите за членство и за климатските промени, при што голем број од ЕУ-лидерите се изморени и иритирани од постојаното противење на источноевропските членки да преземат дел од заедничката одговорност, а што бара учество и вон подрачјето на нивните национални интереси.

Обично се вели дека во ЕУ победуваат оние што немаат непријатели кога договорот е готов – и кога решението е на повидок. Но доколку Европската комисија, како што пишува Ројтерс, се определи да поддржи некои од француските барања, вклучувајќи го и барањето пристапните фондови за нови членки да се полнат од парите што се наменети за сиромашните земји кои се веќе ЕУ-членки, тогаш  тоа би можело да ја загрози поддршката за проширувањето што доаѓа токму од постоечките сиромашни членки.

Други земји, меѓу кои и Холандија и Данска, се веќе скептични, но официјални претставници на ЕУ велат дека доколку успеат да ја убедат Франција да ги повлече своите забелешки, тогаш и тие земји веројатно нема да останат на своите цврсти ставови за блокирање на проширувањето.

ЕУ продолжува да брза на Балканот – но полека. Што се однесува до Макрон, тој се соочува и со други сериозни проблеми. Жолтите елеци се сѐ уште гневни, и тоа најмногу на Макрон. Синдикатите се трудат да владее неред на улиците во Париз. А во заднина Марин Лепен постојано ги засилува своите позиции. Либерализмот го победи антимигрантскиот популизам на претседателските избори во Франција во 2017 година, но испитувањата на избирачките симпатии покажуваат дека Лепен му се доближува на претседателот. Нејзините негативни ставови околу ефектите поврзани со ЕУ-проширувањето кон Исток се добро познати.

Од Макрон, кој сега е на половина од својот мандат, се очекува да дејствува поенергично, но и да почне појасно и покатегорично да аргументира околу прашањата што тој ги приоритира на агендата.

А едно од најважните прашања, не само на француската, туку и на големата европска политичка сцена, е секако – иднината и проширувањето на ЕУ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...