Хрватот Лука Модриќ е добитник на наградата за најдобар фудбалер во светото според ФИФА на настанот „The Best“ на светската куќа на фудбалот.
Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, пак, беше прогласен за најдобар на својата позиција за 2018.
Белгискиот репрезентативец ги претекна Иго Лорис и Каспер Шмајхел, благодарение на одлично претставување на Мундијалот 2018. Таму „црвените ѓаволи“ стигнаа до бронзениот медал.
– Сакам да им се заблагодарам на сите што гласаа за мене. Немаше да ја добијам оваа награда без поддршката на моите соиграчи во Челзи, Реал и националниот тим – изјави Куртоа.
Ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах,пак, ја доби наградата „Ференц Пушкаш“ за најубавиот гол во минатата сезона.
Тој ја освои наградата за неговиот погодок против Евертон во Премиер Лигата на 10 декември минатата сезона.
Египќанецот победи во конкуренција на посочените фаворити Кристијано Роналдо, Герет Бејл и Лионел Меси.
Ѕвездата на Франција и Монако, Килијан Мбапе ја доби наградата за најдобар млад фудбалер на Мундијалот 2018.
Напаѓачот победи во конкуренција на Родриго Бентанкур (Уругвај), Александар Головин (Русија), Хуан Кинтеро (Колумбија), Џордан Пикфорд (Англија), Бенжамен Павар (Франција), Муса Ваг (Сенегал) и корејскиот голман Чо Хен-у.
– За мене ова е неверојатна чест и ќе ми помогне да работам напорно и да постигнувам повеќе голови. Благодарам на сите – изјави победникот Мбапе.
Тренерот на репрезентацијата на Франција, Дидие Дешан, целосно очекувано беше избран за најдобар тренер на годината.
Тој успеа да ги изведе „петлите“ до својата втора светска титула во историјата, што беше и клучот за освојување на оваа награда.
Другите двајца кандидати за наградата беа Зинедин Зидан и хрватскиот селектор – Златко Далиќ.