Елиуд Кипчоге е првиот атлетичар кој истрча маратон за помалку од два часа. Оваа психолошка граница изгледаше како недостижна, но со помош на науката и екипата елитни маратонци, денеска беше испишана историја со време од 1 час 59 минути и 40 секунди.
Ова, сепак, нема да биде официјален рекорд, бидејќи времето беше поставено на настан кој не беше отворен за други и условите беа прилично контролирани.
Елиуд Кипчоге истрча четири круга околу паркот Пратер во центарот на Виена, а за да може да истрча под два часа, на Кeниецот му помoгна тим од дури 41 писмејкер, кои пак беа насочувани од ласерска проекција на патот од помошно возило кое беше пред нив.
34 годишниот атлетичар од Кенија имаше сличен обид и пред две години на легендарната патека Монца во Италија, но тогаш не успеа и беше пократок за 26 секунди.
„Се чувствувам добро. Беа потребни 65 години за човекот да испише историја. По Роџер Банистер (кој трчаше една милја за помалку од 4 минути) ни беа потребни 65 години за ова постигнување… Среќен сум што токму јас успеав да истрчам маратон под два часа. Нема граници за ниту еден човек, очекувам да инспирирам многумина и очекувам уште многу други да истрчаат под два часа во иднина“ – вели Кипчоге.
ФОТО Принтскрин