Костадинов побара Илија Димовски да не ја води расправата за Катица Јанева

1146

Коста Костадинов, пратеник од СДСМ и член на собраниската Комисија за избори и именувања на денешната седница на која се расправа за извештајот на Советот за обвинители за разрешување на осомничената обвинителка Катица Јанева побара иземање на претседателот на комисијата Илија Димовски.

Костадинов предложи наместо Илија Димовски кој според него поради судир на интереси со негов приватен интерес како осомничен во предмет на СЈО, комисијата да ја води Зоран Илиоски, кој е исто така пратеник од ВМРО – ДПМНЕ.

На неговиот предлог одговори Димовски, кој рече дека правата и обврските на пратениците произлегуваат од граѓаните, но и дека ако се оди по линија на барањето на Костадинов за многу пратеници од СДСМ, а кои се членови на Комисијата има сомнежи за вмешаност во најновата афера „Рекет“, а сепак ВМРО – ДПМНЕ не побарала нивно иземање затоа што го почитува правото на презумција на невиност.

Претходно, Димовски рече дека со оглед на тоа што извештајот на Советот на јавни обвинители е од класифициран карактер ќе предложи седницата да биде затворена за јавноста, иако тој лично смета дека треба да биде јавна.

– Не добивме декласификација на материјалите поради содржината која има повеќе детали од истрагата, за кои јас лично сум сведок. Останувам на ставот дека јавноста требаше да биде информирана за начинот на кој работело Специјалното јавно обвинителство, не само за овој предмет, туку и за други за кои биле рекетирани безнисмени и политичари – вели Димовски.

Членовите на Комисијата кои имаат безбедносен сертификат во моментов го разгедуваат извештајот, а одлуката за разрешување на Јанева ќе ја донесат со просто мнозинство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...