Саемот за автомобили во Женева 2020, е откажан откако швајцарската Влада денеска забрани собир на над 1.000 луѓе поради загриженоста од новиот коронавирус. Забраната ќе трае најмалку до 15 март.
Сè уште се очекува официјална потврда на овие наводи, но тоа е сè поизвесно. Тоа ќе биде само еден од низата поголеми собири откажани поради заканата од коронавирусот.
Девеесеттото издание на Саемот требаше да започне следната седмица.
Палепо, организацијата што е задолжена за автосаемот во Женева, се обиде да го избегне откажувањето издавајќи предупредувања за учесниците. Имено, имаше најави за зголемување на мерките за чистота и дезинфекција околу конгресниот центар – „редовна контрола, миење раце, како и држење растојание од најмалку три метра од секој што кашла или кива”…
Собирот не е најголемата изложба на возила на светот, но е меѓу најомилените, пред сè, кај производителите кои претпочитаат тука да ги претстават своите брзи, најпрестижни и футуристички модели.