Откако во падот на хеликоптерот загина Коби Брајант, светските медиуми пишуваат за договорот меѓу славниот кошаркар и неговата сопруга Ванеса никогаш да не летаат заедно. Иако се пишуваше дека договорот го направиле затоа што кошаркарот се плашел од несреќа, извор близок до семејството на Брајант рекол дека не е точно.
– Постоеше договор, но не поради стравот. Тие сметаа дека е така најдобро за нивните ќерки. Коби беше посветен татко и неговото семејство му дојде на прво место – рекол неименуван извор за магазинот „Пипл“.
Брајант почнал да го користи хеликоптерот заради огромниот сообраќаен метеж на патиштата во Лос Анџелес.
– Еднаш поради стоење во колона ја пропушти училишната претстава на една од ќерките. Сакаше да ги извршува сите обврски, првенствено татковските – додал изворот.
Коби Брајант во неделата со 13-годишната ќерка и уште седум луѓе тргналe на кошаркарски натпревар кога нивниот хеликоптер се урна во маглата.