Кажи „не“ за корупцијата во медиумите!

Зборот обврзува, а делата го чуваат образот. Предлагаме секој новинар, доколку посака, јавно да ја декларира својата посветеност на политиката на нулта толеранција во медиумите.

243

Важен продукт во низата анализи и продукти на проектот на Здружението на граѓани Член 16 под наслов „Лидери во борба против корупцијата – развивање иновативни алатки за борба против корупцијата во медиумите во Република Македонија“, е личната декларација под наслов „Јас велам – НЕ!“

Врз основа на сите досегашни искуства, сметаме дека на нашите колеги новинари и медиумски работници треба да им понудиме куса декларација, со која секој ќе може, доколку посака, јавно да ја декларира својата посветеност на политиката на нулта толеранција во медиумите.

Зборот обврзува, а делата го чуваат образот. Оттаму, оставаме секој новинар и медиумски работник самиот да одлучи дали, во која форма (понудената или видоизменета) и на кој начин ќе ја декларира сопствената лична неподложност на коруптивно влијание и спремност да се бори против ова зло.

Ова е предлогот на Здружението Член 16 за една таква лична објава:

ЈАС ВЕЛАМ – НЕ!

Јас, (име и презиме, професија и позиција во медиумот), во име на својот-својата углед и професионална чест, јавно велам:

НЕ примам и не барам поткуп од било кого и во било какви околности.

НЕ примам и не барам надомест за мојот професионален ангажман во медиумот од било кој друг освен од мојот работодавач.

НЕ обезбедувам реклами, огласи, пи-ар објави и други комерцијални содржини за мојот медиум, по налог на мојот работодавач, или по сопствена иницијатива, ниту ги мотивирам моите извори на информации и луѓето со кои професионално соработувам, да го прават тоа.

НЕ учествувам во креирањето содржини од комерцијален карактер, доколку тоа не е моја основна професионална обврска, а во обратниот случај, престануваат моите обврски како новинар кој непристрасно и објективно известува за фактите.

НЕ примам никакви други, освен исклучително скромни, симболични подароци, од изворите на информации и од луѓе со кои соработувам во вршењето на својата работа.

НЕ барам и не прифаќам привилегии или услуги од изворите на информации и од луѓе со кои соработувам, кои се директно или индиректно насочени кон тоа да остварат нелегитимно влијание и да го загрозат мојот професионален интегритет.

НЕ одам на службени патувања за кои трошоците ги плаќа било кој друг освен мојот работодавач, самостојно и без корупциски договор со трета страна.

НЕ прифаќам притисоци од сопственикот на медиумот, од менаџментот и од уредништвото, при известувањето да фаворизирам одредени факти, или да прикривам други, со цел постигнување нелегитимно политичко или друго влијание, спротивно на јавниот интерес и на мојата професионална етика.

НЕ ги злоупотребувам своите брачни, роднински и пријателски односи со одредени лица во вршењето на својата професија, заради стекнување лична корист и привилегии на професионален план, а кога вршењето на моите професионални обврски може да предизвика конфликт на интереси, ги одбивам таквите задачи.

НЕ стапувам во било какви непристојни и недостоинствени односи со изворите на информации и со луѓето со кои соработувам.

НЕ го прифаќам корупциското поведение на моите колеги и изразувам спремност јавно да се борам против него, почитувајќи ги при тоа колегијалноста и обврската да настапувам со силата на аргументите, без клевети, навреди и говор на омраза.

НЕ прифаќам никаква друга политика освен нулта толеранција за корупцијата во медиумите.

 

/Проектот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Содржината е единствена одговорност на авторитети на Здружението на граѓани за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување „Член 16“ и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија./

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...