Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, чиј претседател е Павле Богоевски, денеска треба да се изјасни за пет барања за одобрување притвор на поранешниот премиер и пратеник Никола Груевски, кој избега и доби политички азил во Унгарија.
Груевски е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“ за набавка на луксузниот „мерцедес“, но пред да започне да ја отслужува затворската казна, избега во Унгарија. За овој случај беше побарано одземање на мандатот на Груевски, но не беше обезбедено двотретинско мнозинство.
Поранешниот премиер е обвинет и во случаите на СЈО „Траекторија“, „ТНТ“, „Титаник“ и „Насилство во Центар“, за кои ќе му се суди во отсуство.
Покрај тоа, Груевски е осомничен и во неколку отворени истраги на СЈО, меѓу кои и „Талир“, „Пропаганда“, „Хармонија“.
Барањата за одземање на имунитетот на Груевски со цел да му се одреди притвор е за дел од овие случаи.