Пратениците попладнево со вкупно 62 гласови „за“ и ниту еден против ги донесоа измените на Законот за данок на добивка по скратена постапка. Со измените, досегашната поддршка на спортските клубови од шест се зголемува на десет милиони евра.
Како што образложи Диме Велковски, еден од предлагачите на законските измени, со предложениот текст се зголемува вредноста на ваучерите кои ги добиваат спортските субјекти од компаниите преку Агенцијата за млади и спорт, а целта е, не само да им се излезе во пресрет на спортистите, туку и да се мотивираат даночните обврзници да донираат во спортот.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во текот на расправата обвинија дека ова се само козметички измени кои ќе овозможат мешање на политиката во спортот.
– Агенцијата за млади и спорт е само трансмитер на средствата. Не е точно дека е арбитрар за ваучерите. Поголема транспарентност од ова не може да има. Овие средства се двојно поголеми од оние обезбедувани минатите години, а се дава и можност една компанија да инвестира во сите спортови, за разлика од претходно кога, согласно старото решение, една компанија можеше да вложува еднаш во еден спорт – нагласи Велковски.
Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, ваквите законски измени нема да ги решат проблемите на клубовите.
– Останува ограничувањето на висината на средствата што може да ги добијат клубовите, а очигледно е и мешањето на политиката во спортот. Не ни треба политика во спортот. Треба да се тргне множноста директорот на Агенцијата за млади и спорт да одлучува кој клуб, дали и колку средства ќе добие, истакна Димовски.
Се надоврза и неговиот сопартиец Драган Цуклев, напоменувајќи дека Законот е уште една потврда за популизмот на власта. – Се расфрламе со нови средства без анализа, рече Цуклев.
Во одбрана на законското решение застана Самка Ибраимовски, кој воедно оцени дека е потребен и нов закон за Агенцијата за млади и спорт, како и одвојување повеќе средства за фудбалските клубови.