„За“, „Против“ или „Бојкот“ – сите ќе добијат пари за кампања од Собранието

244

Собранието на Република Македонија ќе формира Координативно тело за спроведување на референдумот на државно ниво и за водење јавна кампања.

Ова е еден од заклучоците донесени на денешната координативна средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со првите луѓе на пратеничките групи на која присуствуваа и потпретседателите на Собранието и претставник на Владата.

Со Координативното тело ќе раководи Џафери, а негови членови ќе бидат потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

Собранието ќе им даде можност, како што информираат, на сите пратеници кои се „за“, „против“ или за „бојкот“ на референдумот, пропорционално според изјаснувањето да бидат застапени и да можат да ги изразат своите ставови и аргументи пред јавноста.

Собранието денеска со допис ќе се обрати до Владата од каде ќе побара средства за спроведување на јавната кампања за што ќе отвори посебна сметка.

И на денешната координација не присуствуваше претставник на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ. Од кабинетот на Џафери посочуваат дека тој денеска ќе контактира со нив за постигнување можен договор за водење јавна пропаганда за референдумот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...