Oсвен медицинскиот алкохол (етанол 70 отсто) за којшто беше утврден недостиг, граѓаните може да користат и изопропил алкохол, којшто го има во аптеките и кој не е дефицитарен – препорача денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Испораката на дезинфицијенси во училиштата ќе почне најдоцна до петок.
– Во тек е набавка на дезинфекциски средства за училиштата и за надополнување на резервите, од каде во моментов се испраќаат до јавните здравствени институции, до МВР, за граничните премини. Побаравме мислење од Бирото за јавни набавки и утре се потпишува одлуката и договорот за набавка на дензифицијенси, во износ од 3 милиони денари. Веднаш ќе следи дистрибуцијата по школи, контактираме со локална самоуправа, а може до крај на неделата да биде испораката, ако не може да почне уште утре – појасни министерот Филипче и додаде дека има доволно тестови за коронавирусот, речиси 1.000.
Досегашната контрола на аптеките која Државен пазарен инспекторат ја започна во петокот, откако граѓаните се пожалија дека драстично се зголемени цените на медицинските маски и средствата за дезинфекција, не утврдила нерегуларности. Контролата продолжува.