Ни коронавирусот не ги одвраќа партиите од средбите со дијаспората

Иако за последните парламентарни избори партиите од македонскиот и од албанскиот политички блок беа и кај дијаспората во Италија, сега нема одговор дали ќе одат, особено што многу македонски државјани работат во Северна Италија, во областите зафатени со коронавирусот.

207

Коронавирусот не ги плаши раководствата на партиите кои освен што дома секојдневно се на предизборни средби со граѓаните, активни се и во европските градови на средби со дијаспората.

Викендов во Швајцарија и во Германија состаноци со дијаспората одржале потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Наумоски и лидерите на коалицијата Алијаса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши.

Николоски на Фејсбук се пофали дека за верскиот празник Прочка бил во Швајцарија.

– Денес големиот христијански празник Прочка го поминав со Македонците од Швајцарија во преубавата црква „Св. Наум Охридски“ во Триниген. Исто така одржавме и средба на која разговаравме за состојбите во татковината. Промената на 12. април доаѓа со дијаспората. Заедно да ја обновиме Македонија и национално и економски, напиша Николоски.

Од партијата велат дека најверојатно ќе продолжат со посети на дијаспората. Дека внимаваат и оти нема некоја паника.

Села и Гаши, пак, освен во Швајцарија викендов биле и во Германија на средби со албанската дијаспора.

Од Алијансата велат дека и покрај коронавирусот не се откажуваат од посетите и средбите со нивното членство и поддржувачите од европските земји. За идниот викенд, поточно за 8-ми март Села планира да се сретне со албанската дијаспора во Австрија. Од партијата на Села велат дека веќе имаат најава дека голем број гастарбајтери ќе дојдат во Македонија за изборите на 12 април. Од таму додаваат дека печалбарите иако за парламентарните избори може да гласаат во земјите каде работат и живеат, сепак за гласањето ќе дојдат дома бидејќи така им е поедноставно.

Од Алијансата објаснуваат дека на печалбарите им оди во прилог тоа што денот на изборите – 12 април се совпаѓа со католичкиот Велигден, па така тие за празникот ќе може да дојде во Македонија и да гласаат.

И покрај обидите не успеавме да добиеме одговор од СДСМ и од ДУИ дали планираат предизборни посети во дијаспората или поради заразата од коронавирусот ќе ги ограничат посетите во европските држави.

Лидерот на ДУИ засега бил само во Албанија како гостин на конгресот на Социјалистичката партија на Еди Рама, каде доби пофалби од албанскиот премиер дека без Албанците и Али Ахмети, Македонија нема да стане членка на НАТО.

Од европските земји потврда за заразени од коронавирусот освен во Италија каде заразата најмногу се прошири има и во Германија, Швајцарија, Австрија, Велика Британија, Белгија…

Иако за последните парламентарни избори партиите од македонскиот и од албанскиот политички блок беа и кај дијаспората во Италија, сега нема одговор дали ќе одат, особено што многу македонски државјани работат во Северна Италија, во областите зафатени со коронавирусот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...