За балканските азиланти тараба во ЕУ

544

Албанија е единствената европска земја која се вбројува во групата од десетина земји од кои лани најмногу е зголемен бројот на азиланти во ЕУ. Порастот на азилантски барања во ЕУ во 2019 година е забележан и од целото подрачје на Западен Балкан, иако бројките во споредба со Албанија се реалтивно пониски.

Приближно 23.000 барања за азилантска заштита во ЕУ се поднесени од албански државјани во текот на минатата година. Од Македонија се регистрирани околу 4.000 баратели, според извештајот на Европската агенција за азил, ЕАСО.

И Албанија и Македонија, кои очекуваат да им се одобри старт на преговорите за членство во ЕУ, се на листата на „сигурни земји“, така што нивни граѓани имаат најмалку шанси да добијат каква било меѓународна заштита или статус на азиланти.
Статистиката јасно го потврдува тоа. Македонците имаат најниска стапка на одобрување на азил во Унијата – само еден отсто. Албанците имаат нешто повисока стапка, шест отсто.

Се чини дека македонските апликанти ништо не ги одвраќа да поднесат барања за азил, кои во релативно брза постапка им се одбиваат како очигледно неосновани бидејќи се смета дека доаѓаат од земја во која нема политички прогон и каде што постојат можности да добијат заштита од државните институции. Таквите апликации, кои во најголем дел всушност се мотивирани од „бегство“ од сиромаштија, по бирократската процедура на разгледување и проверка завршуваат во сферата на „социјален туризам“.

Веста објавена деновиве дека по неколкугодишно опаѓање лани повторно бил зголемен бројот на баратели на азил во ЕУ, 13 проценти повеќе во споредба со 2018 година, и претходеше на актуелните закани од ескалирање на нова мигрантска криза и на заострувањето на тензиите на грчко-турската граница.

А со тоа повторно се разгоруваат и истите несогласувања и неидинството меѓу ЕУ-членките поради отсуство на заедничка политика за распределба на беагалците и одбивање на некои членки, пред сè од Источна Европа, да прифатат мигрантски квоти.

Мигрантската криза, која во 2015 година сериозно ги разниша темелите на европската соработка, сега повторно се наметнува како еден од клучните предизвици во ЕУ. Европа која е подготвена да направи сè за да го спречи масовниот мигрантски бран станува изложена на притисоци и уценување и со тоа се соочува со ризици да ги поткопа вредностите какви што се демократијата, безбедноста и мирот во соседството.

Во секој случај, насочување на критиката пред сè кон цинизмот на турскиот претседател Ердоган и неговата политичка игра во која влог се човечки животи, суштински не е доволно коректна. Иако ЕУ, за разлика од Турција, прими далеку помал број мигранти, стравот од нови мигрантски бранови резултираше со договор со кој Турција доби шест милијарди евра за да ги задржи бегалците пред своите граници.

Стравот од масовен прилив на мигранти функционира како политички силна алатка што ја прави ЕУ ранлива на закани и уцени. Токму затоа се страхува дека Унијата е подготвена да дејствува во спротивност со своите вредности и интереси, воспоставувајќи соработка со авторитарни и безобѕирни политички сили, со цел да придобие други земји да ја извршат таа, според многу нешта валкана работа, и да ги спречат мигрантите во нивните намери да се упатат кон Европа.

Но прашање е дали со таква политика всушност се зголемува ризикот од дестабилизација во соседните региони на ЕУ, а едновремено уште повеќе се влошува тешката ситуација на бегалците. Веројатно нема подобра алтернатива од европска распределба на бегалски квоти која ќе функционира според заеднички договорени принципи. Многумина се согласни дека само на таков начин Европа може да биде сила која ќе ги зајакнува мирот, демократијата и отвореноста кон своите јужни и источни соседи. Но останува да се види дали ќе се успее во настојувањата да се убеди унгарскиот премиер Орбан, и неговите колеги од Вишеградската четворка, барем малку да го разретчат бодливот тељ на нивните државни граници.

Но напливот на азиланти не се случува само по должината на турско-грчката граница. Зголемувањето на бројот на азилантски барања од таканаречените „сигурни земји“ сè поизразено е проследено со намалување на толеранцијата и разбирањето за нивните „тенки“ причини за барање заштита. Од Албанија, на пример, околу 50.000 лица барале азил во Германија, среде мигрантската криза во 2015 година. Мнозинството од нив биле принудени да се вратат дома, но многумина сепак се обидуваат, слично како и Македонците, повторно да аплицираат откако ќе бидат одбиени.

Францускиот претседател Макрон пред две години иницираше донесување законски промени со цел да се заострат можностите за мигрантите да останат во Франција, поаѓајќи од фактот дека голем дел од Французите се иазјаснуваат за поцврст пристап во третманот на бегалците и мигрантите. Околу 100.000 лица поднеле барање за азил во Франција во 2017 година, а најголема група меѓу нив, неочекувано, биле Албанци.

Лани, на октомврискиот ЕУ-самит, Макрон, заканувајќи се со вето за почеток на преговори со Македонија и Албанија, рече дека недостига поддршка меѓу Французите за прием на нови членки во ЕУ. Притоа како пример ја наведе Албанија, чии граѓани во голем број бараат азил во Франција. Поддршката да се внесе Албанија во членството на ЕУ, истакна тогаш Макрон, не би можел да им ја објасни на своите граѓани.

Сосема е извесно дека прашањето на азилантите од Западен Балкан нема да ги заобиколи пристапните преговори за членство за кои Македонија и Албанија со нерпение очекуваат зелен сигнал од Брисел. И пред сè од Макрон.

Желбата на многумина Албанци и Македонци да ја напуштат својата земја поради економски причини и високата невработеност, поради бесперспективноста и отстуството на верба во иднина, нема брзно да згасне.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...