Вчера и денеска ги проверивме сите аспекти од постапката на носење на имињата на основните училишта во Чаир, а по темелната анализа, правните тимови констатираа и ме информираа дека промената на имињата е согласно членот 26 од Законот за основно образование, напиша лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на Фејсбук.
„Откако училишниот одбор донел одлука за измена на Статутот на училиштето со што се променува името на училиштето и се додава уставното име на државата, истата била потврдена и од страна на Советот на Општина Чаир. Баденетерово мнозинство не било неопходно. Одговорноста пред граѓаните подразбира и темелна проверка на фактите и спречување на какви било обиди за политичко поентирање врз база на меѓуетничките односи во нашата земја. Одговорно е да се водиме од словото на законот, нема и не смее да има простор за ширење национализам и поделби. СДСМ е партија предводник на концептот едно општество за сите која се води исклучиво од словото на законот“, напиша Заев.
Тој вчера истакна дека незаконски била спроведена постапката за преименувањето на двете учлишта во Чаир.
– Со записник на некој си училишен одбор надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да постапат по закон. Законодавецот предвидел како се менува назив на училиште и тоа го одлучуваат граѓаните преку своите претставници – рече Заев на вчерашната прес-конференција во седиштето на партијата, одговарајќи на новинарско прашање за преименувањето на училиштата.