Претпоставките и најавите дека коронавирусот може да „испари“ и да го снема кога надворешните температури ќе се зголемат на 25 степени Целзиусови, што сѐ почесто се слуша во јавноста, но и од лекари од регионов, засега не ги потврдуваат нашите епидемиолози од Институтот за јавно здравје на РМ.
– Немаме такви сознанија, се работи за нов вирус за кој сѐ уште со сигурност не може да се предвиди неговото однесување во однос на промената на температурите и сезоноста – вели за Плусинфо прим. д-р Гордана Кузмановска, раководителка
на Секторот за контрола и превенција на заразни болести во ИЈЗ.
Една од дилемите кои одат контра претпоставките дека вирусот речиси ќе го снема на топлото време е и фактот што иако сега во Австралија летото е при крај, и таму се појавија случаи на заразени со новиот вирус, кој да потсетиме, за првпат е забележан токму во август и септември минатата година.
Под надзор и во изолација се 22 лица во Македонија
Согласно последните податоци објавени од СЗО, заклучно со 3. март годинава бројот на потврдени случаи на глобално ниво изнесува 90.870 (1.922 нови), објави Институтот денеска на својата веб страна.
Во Кина има 80.304 (130 нови) потврдени случаи, а бројот на смртни случаи достигна 2.946 (31 нов). Во други земји бројот на потврдени случаи е 10.566 (1.792 нови), а зафатени со вирусот се 72 (8 нови) земји. Смртни случаи во други земји има 166 (38 нови).
Во Македонија засега е 1 (увезен) потврден случај на заболен од коронавирусот. Бројот на прва линија контакти под 14-дневен надзор во изолација се 11, колку што изнесува и бројот на втора линија контакти под 14-дневен надзор во изолација.
Има два контакти поврзани со потврден случај во странство, кои се под 14-дневен надзор во изолација. Од последното пријавување на потврден случај кај нас поминаа шест дена.
СЗО го проценува ризикот во Кина за многу висок, а иста е оценката и за ризикот на регионално ниво и глобално ниво.