Се наближува Нова Година, а со неа и опасноста од петарди, кои пукаат особено во центарот на Скопје, но одекнуваат и во други населби и градови во државата и притоа ги доведуваат во голема опасност и оние кои што ги активираат овие пиротехнички средства, но и децата и возрасните кои се во нивна близина.
За тоа до какви повреди може да дојде по експлозијата на овие „играчки“, за што ги сметаат децата но и многу возрасни, за Плусинфо предупредува д-р Софија Пејкова, директорка на Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, каде на операциона маса, наместо на прослава на најлудата ноќ, завршуваат многу од повредените од петарди.
– Најчестите повреди за кои пациентите се јавуваат на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, се всушност и дел од нашата патологија, а тоа се повредите на шака и изгорениците. Бидејќи станува збор за експлозивна повреда, најчесто настануваат многу тешки ампутации на прстите или делови на шаката, со здробени елементи на шаката и оштетена циркулација. Изгорениците се исто така многу комплексна патологија која што може да заврши фатално, доколку навреме не се лекува. Хендикепираноста од овие повреди може да биде доживотна и да има последици кои ќе одлучуваат понатаму во физичкото и психичкото здравје на пациентот, секојдневниот живот, како и при изборот на кариера, вели д-р Пејкова.
Дали некогаш дури и животот може да биде загрозен од пукањето петарди, освен прстите, шаката, очите?
– Да, многу често особено во изминатите години сме биле сведоци на животозагрозувачки повреди настанати при експлозија на петарди. Понесени од празничната еуфорија овие настрадани пациенти се обидувале со импровизција да добијат поголема експлозија. Од таа експлозија под притисок се добиваат сериозни “blast“ повреди кои зафаќаат повеќе органски системи. Овие пациенти се здобиваат со изгореници од тежок степен, скршеници на коските, дефекти на кожата односно со екстензивни повреди кои се животозагрозувачки.
Кој е натешкиот пациент којшто сте го спасувале од експлозија на петарда?
– Неможеме да направиме дистинкција кој бил најсложениот пациент. Со оглед на фактот дека станува збор за експлозивни повреди можноста за инвалидитет е голема. Кај овој тип на повреди има термичко уништување на ткивата додека притисокот од експлозијата предизвикува уништување на мекоткивните и коскените структури. Поради тоа, секоја ваква повреда за еден пациент е сложена и оптеретена со висок степен на компликации. Затоа апелираме да не се користат пиротехнички средства за да се избегнат повреди кои доведуваат до инвалидитет и хендикеп.
Колку е важна едукацијата за оваа „играчка плачка“ ? Лекари од Клиниката во минатата година одржаа многу предавања во школите за опасноста од петарди. Имаше ли ефект од таа едукација?
– Минатата година спроведовме кампања со едукативни оредавања за опасноста од користењето на пиротехнички средства. Гледајќи низ призмата на бројот на повредени ,мора да напоменам дека кампањата, како и мерките на МВР навистина имаа ефект, така да од двоцифрен број на повредени во 2018 минатата година број беше едноцифрен. Се надевам дека трендот на намалување на повредени ќе се задржи и оваа година.
И МВР преднеколку дена излезе со апел да не се пукаат петарди, а потсети и на казните. Да потсетите Вие како хирург колку последиицте од петарди се најголемата „казна“ за оние на кои во рака ќе им експлодираат петарди?
– Раката е совршен механизам и само ние луѓето имаме привилегија да ја користиме. Раката е составена од комплексни коскени, лигаментарни, невроваскуларни структури кои хармонизирано функционираат и ни овозожуваат да ги обавуваме секојдневните активности. Раката е огледало на нашиот мозок, раката не прави да бидеме најсовршениот вид во скалилата на еволуција и затоа треба да ја чуваме и почитуваме нејзината вредност.