ДУИ: Срамота е Лика да не знае дека ќе се трансформира Секретаријатот

3312

ДУИ не му остана должна на вицепремиерот за Рамковен договор Хазби Лика дека без да го информираат ќе го трансформираат Секретаријатот за Рамковен во Министерство за политички систем. За ДУИ срамота е Лика да не знае за предлогот бидејќи тој е дел од платформата на партијата. Од партијата додаваат дека Лика на функцијата вицепремиер за Рамковниот бил избран за да ја спроведе изборната програма, а не за да отсуствува од работа.

– ДУИ ја потсетува пошироката јавност во земјава дека иницијативата за унапредување и трансформирање на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците потекнува од квалитативната Анализа за Охридскиот договор од 2015 година, од изборната платформа на ДУИ „2020“, од Албанската платформа и од договорот за Влада. Пратениците, исто како и министрите кои се избрани во овој парламентарен и владин состав се избрани врз основа на ветената програма на изборите во 2016 година – реагира ДУИ.

Функционери од ДУИ брифираат дека срамота е Лика да не знае за трансформацијата на Секретаријатот во Министерство и дека тоа упатува на заклучокот дека ниту ја прочитал партиската програма, ниту стратегијата на Секретаријатот.

Впечатливо е дека ДУИ и Лика преку медиумите влегоа во отворена војна, откако веќе подолг период неофицијално се зборуваше за внатрепартиски несогласувањ. Лика беше на тапет и од своите и од премиерот Зоран Заев дека не доаѓа на работа. Лика освен што ретко го гледале во Владата, извесен период го немало и на состаноците на партиските органи.

Тој во изјава за Плусинфо одби да зборува дали Владата и сопартијците нашле елегантен начин да го тргнат од функцијата, по критиките дека не оди на работа.

Лика побара средба со Ахмети и Заев за трансформацијата на Секретаријатот и обвини дека за тоа последен разбрал, односно не бил информиран ни од лидерот ни од пратениците на ДУИ кои се предлагачи на законот кој утре треба да се најде пред пратениците.

Реакцијата на Лика се толкува како обид да се оправда пред поранешните соборци од ОНА за укинувањето на Секретаријатот.

Интерсено е дека и покрај критиките, ниту Ахмети предложи, ниту Заев и покрај најавата не го разреши Лика од вицепремиерската фунција.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...