Ниту еден од обвинетите пратеници нема да дава своја одбрана за настаните од 27 април. Тоа значи дека нивните адвокати не ги предлагаат за да бидат испрашани во текот на доказната постапката во судскиот процес. Вкупно обвинети се петмина: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски.
Од други докази на одбраната, пратеникот Крсто Мукоски имаше само еден сведок, поранешната пратеничка Марија Ангелова, а писмените докази ги повлече.
Останатите пратеници не предлагаат свои сведоци.
Помеѓу материјалните докази има и видео снимки предложени од одбраната на Љубен Арнаудов. Но тие нема да се гледаат бидејќи истите видеа веќе беа презентирани во судница од страна на обвинителството.
За пратеникот Љупчо Димовски, пак, во судница се пуштаа видео инсерти од негови телевизиски гостувања и од обраќања од собраниската говорница на кои одбраната тврди дека тој ги има истите гестикулации со рацете за кои обвинителството тврди дека на 27 април покажувал како се отвораат собраниските врати или давал некакви инструкции.
– Сметам дека од ова што судот го виде можеше да се увери во махиналните движења на обвинетиот Љупчо Димовски кои сакаат да се претстават како негово движење кое укажува на преземање дејствија – рече адвокатот Еленко Миланов.
По доказите предложени од обвинетите, ќе се продолжи со оние на останатите обвинети.
Судијката Добрила Кацарска го предупреди адвокатот на обвинетиот Митко Чавков дека судот на неколку пати ги известил оти нема да прифати докази поднесени после 21/08/2018 година и дека нема промена на тој став.
Откако судот не ги прифати доказите доставени од одбраната на Митко Чавков, неговиот адвокат рече дека штом се дозволуваат само сведоци кои судот вика дека се навремено предложени, тогаш ги повлекуваат тројцата предложени сведоци.
На обвинителната клупа покрај пратениците и Митко Чавков во овој случај се и Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.