Кумановци не можат да фрлат толку ѓубре, колку што дивите депонии можат да соберат (ФОТО)

333

Несовесни лица фрлаат отпад во реката Кумановка и покрај неа. Воопшто не се грижат за животната средина, за богатството кое треба да им го остават на своите деца во иднина.

Адвокатката и претседателка на организацијата „Јустиција“, која делува на национално ниво, Оливера Доцевска, за Плусинфо вели дека локалната самоуправа прави очигледни напори да ја подобри состојбата.

– Апелирам до Општината да употреби иновативни решенија, евтини и практични кои ќе ја санираат состојбата, бидејќи очигледно е дека досегашните напори се неуспешни. Мојата логична мисла повеќе години наназад е да се постави мрежа на неколку места, невидливи за јавноста, која ќе ги собира ѓубрето и ќе се чисти дневно – вели Доцевска.

Таа ги советува граѓаните на Куманово да не фрлаат секакви материјали во канализацијата и во реката, бидејќи прочистителната станицата на реката Кумановка трпи огромни штети и не може да функционира.

Директорот на комуналното претпријатие „Чистота и зеленило“ во Куманово, Даниел Стојчевски, вели дека не можат да исчистат толку, колку што фрлаат несовесните поединци.

– Реката е чистена пред два месеца комплетно. Помеѓу двете реки кои поминуваат низ Куманово, има населба со која имаме сериозни проблеми. Граѓаните тука не го почитуваат комуналниот ред за фрлање отпад. На таа локација, околу реката, пред влезот на населба Чичо, има дива депонија позната како депонијата карши Туш. Исто имаме депонија и во непосредна близина на тој мост, покрај самото речно корито. Тоа место е чистено пред два месеца со опрема за која ни помогнаа приватни фирми. Го исчистивме, но по само месец дена дивата депонија повторно се врати назад – појаснува Стојчевски.

Пред влезот на населбата Чичо, вели тој, само во последните шест месеци се чистело повеќе од осум пати.

– Последното чистење беше пред две недели. За жал, граѓаните повторно фрлаат отпад. Таму имаме и одредени собирачи на смет од домаќинства со мини трактори и култиватори, кои не се придржуваат на комуналниот ред. При собирање на тој отпад, наместо да го одлагаат на нашата депонија, каде што имаат можност да си платат по измерен килограм и да го исфрлат тој смет, тие го фрлаат или во реката или на двете диви депонии – вели Стојчевски.

Тој упати апел до сите да се грижат повеќе за животната средина, како и да пријават доколку видат некој како несоодветно го фрла отпадот, за службите да реагираат на време.

– Некои граѓани ги палат депониите, па имаме дополнително загадување на воздухот во Куманово – вели Стојчевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...