Неодамна јавноста беше запознаена со т.н. нон-пејпер, кој Франција го испратила до земјите членки на ЕУ, со кој бара видоизменет пристап за Северна Македонија при процесот што ѝ претстои на патот кон напредните демократии. Согласно на документот, од мигот на отворањето на преговорите, акцентот ќе биде ставен на владеењето на правото! Тоа недвосмислено значи дека, низ сите фази, преговорите ќе мора да се темелат на постојан напредок во областа на владеењето на правото. Во предлогот на Франција, посебно место зазема клучниот момент – можноста за „враќање назад“ на преговорите, оти само при таква поставеност, процесот би обезбедил целосна доверба. Конечно, доколку аспирантот се обиде да го изигра процесот и да мами во однос на постигнувањето на основните вредности на ЕУ (звучи познато?), тогаш предлогот на Франција предвидува целосна суспензија на преговорите!
На што првин ќе помисли вистинољубивиот човек, кога ќе се исправи пред новиот став на Брисел? Одговорот е недвосмислен: во Северна Македонија не постои владеење на правото, не постои правна сигурност, за сите граѓани подеднакво! Изопаченото судство е една од суштинските причини, поради кои Скопје не ги почна преговорите со Брисел. Во продолжение ќе цитирам дел од извештај на земја, позната по почитувањето на човековите права и верски слободи, која за Северна Македонија вели: „Уставот и законите гарантираат независно судство; меѓутоа владата, политичките притисоци, заплашувањата и корупцијата влијаат врз судството. Повеќемина судски службеници ја обвинија владата дека го користи авторитетот на буџетот за да го контролира судството.“
Не ја познавам госпоѓата министерка во заминување, Рената Десковска, но од неа добив писмо (бр. 21-3684/2), во кое повикува позитивно да сме одговореле на безумните барања на судијата Сузана Дончевска во однос на регистрацијата на Православната Охридска Архиепископија. Се разбира, не осврнувајќи се на личноста на Десковска, туку само на нејзината јавна дејност, прашувам: на кој суд, на чии барања?! На скопскиот суд, заради кој Северна Македонија не ги започна преговорите со ЕУ, бидејќи не го обезбедува владеењето на правото во земјава?! На тој суд, кој, согласно на меѓународната заедница, се наоѓа под политички притисоци, кој е корумпиран и кој е под контрола на владата?!
Имајќи го реченото предвид, очигледно, овде и сега, се соочуваме со специфичен феномен! Карамазовштината, како карактеристичен опис за подвоеноста на човековата природа, за расцепот помеѓу свесното и несвесното во човековото битие, кај нас се пројавува како десковштина! При комплетно отсуство на харизма, при присуство, пак, на немоќ да го промени своето назално, неразбирливо мрморење, десковштината, како појава својствена за нашето политикантско државотворење, афективно се има фатено цврсто за воланот и ја извозува траекторијата на политичкиот кич, следејќи ја верно претходната, но и трасирајќи ја десковштината за оние, кои допрва ќе дојдат, а не се кадарни да учат од грешките! Десковштината е новиот кич на нашата трома, политичка стварност! Затоа, за илустрација ќе го парафразирам големиот Дитрих Бонхофер. Еве, веднаш претставете си како седите на совозачкото седиште до една непресметлива личност, која цврсто го има фатено воланот и исцело очебијно го насочува автомобилот кон една група недолжни луѓе! Бонхофер вели: „како христијанин, едноставно не можам да ја чекам катастрофата, та потоа да ги тешам ужалените и да ги закопувам мртвите“! Следствено, како понатаму?
Човекот треба да се бори, за да го земе воланот од рацете на растроениот возач, одлучен е Бонхофер! Од реченово, стануваат јасни и зборовите на светиот Дамаскин, дека токму самовластието претставува една од главните одлики на човековата егзистенција. Со други зборови, согласно на оваа Дамаскинова констатација, просто не е возможно човекот да биде словесно, мисловно, разумно битие, а истовремено да не е самовластно битие. Поточно, ако човекот има ум, тогаш нужно ќе има и слободна волја! Политичкиот кич на десковштината, како феномен на нашата стварност, не ретко подразбира само немо набљудување од совозачкото седиште, а згора на сѐ и целосно отсуство на слободна волја.
Според Адорно, и уметноста го содржи кичот, но затоа општествено е обврзана да го преобразува. Сепак, се покажува дека тоа е привилегија, само доколку постои поетско образование за сите, образование кое, пак, не секогаш е возможно секој да си го допушти или, пак, да го посака. Така, за уметноста, кичот станува тешка казна, која Адорно ја нарекува: забава (fun). Недвосмислено е јасно дека уметноста на нашето општествено живеење, денес е проникната со казната на политичкиот кич. Десковштината се забавува со воланот, газејќи ги недолжните луѓе, по неколку пати, и кон напред и во рикверц!
Човекот, кој денес ќе посака да го преобрази политичкиот кич и да стане самовластен дел од културата на дијалогот, ќе треба да се откачи од пизмата на бирократската самодоволност на десковштината! А, пожелно е да се избави и од парализата на патолошката потреба да се слуша единствено себе и оние, кои му го велат само тоа што сака да го чуе! Процесот на преобразувањето на политичкиот кич подразбира внимателно отворање на себе си, за да се чуе и различното, инаквото мислење, кое збогатува, на пр., да се чуе одлуката на Стразбур и домашниот закон за нејзино спроведување! Во спротивно, ќе се исполнат зборовите на Џорџ Лукас (во „Војна на ѕвездите“), дека слободата умира со громогласен аплауз за политичкиот кич на десковштината и нејзиниот идеен творец, борецот со ветерници!
(Авторот е епископ стобиски, ПОА)