Хеликоптерската несреќа во која вчера загина легендарниот поранешен кошаркар во НБА, Коби Брајант, се прими со шок и неверување во САД. Приватниот хеликоптер на Брајант се урна вчера пред 10 часот локално време во Калабасас, околу 50 километри северозападно од Лос Анџелес, Калифорнија. Според последните податоци, во леталото се наоѓале вкупно девет лица, сите се погинати, соопшти полицијата од Лос Анџелес.
Брајант и сопатниците патувале на младински кошаркарски турнир. Помеѓу нив биле и ќерката на Брајант, Џијана, бејзбол тренерот Џон Алтобели, неговата сопруга Кери и нивната ќерка Алиса, која играла во ист тим со Џијана.
Коментаторите во САД веќе ја окарактеризираа трагичната несреќа како национална трагедија која ќе остане запаметена како и атентатот врз претседателот Џон Ф. Кенеди или терористичките напади на 9 септември 2001 година.
Во текот на целиот вчерашен ден и вечерни часови, фановите и обожавателите започнаа да се собираат во „Стејплс“ арената во Лос Анѓелес во почит на великиот кошаркар. Арената е местото каде Брајант доби најголем број свои НБА титули, играјќи за Лос Анџелес Лејкерс.
Откако информацијата за трагедија се прошири по медиумите, река од пораки на сочувство во чест на Брајант протече низ цела Америка. Тажниот настан го затекна почетокот на церемонијата за доделување на музичките награди „Греми“, и во импровизиран настап, пејачката Алишија Кис изјави дека во „милион години не би можеле да смислиме дека почетокот на Греми ќе се одбележи со оваа „срцепарателна“ вест.
Потоа на сцената свои пораки во почит на Брајант искажаа Лизо, Кени Вест и Тејлор Свифт, меѓудругите.
Во текот на НБА мечот меѓу Денвер Нагетс и Хјустон Рокетс синоќа публиката и кошаркарите на теренот застанаа и оддадоа почит за загинатиот кошаркар со минута молчење.
– Почитувани, трагедија го снајде светот на кошарката, загина Коби Брајант – најави водителот во салата, на големите екрани проследено со ликот и бројот на дресот на кошаркарот – 24.
Минута молчење беше забележана и на митинг на поранешниот потпретседател Џо Бајден во Ајова. Во почит на Брајант пораки со сочувство напишаа некои од тркачите во трката за претседателските кандидати како Елизабет Ворен.
Пораки со сочувство пратија и претседателот Доналд Трамп, како и неговиот претходник Барак Обама, кој беше близок со Брајант.
– Коби беше легенда на теренот и штотуку го започна вториот том од својот живот, полн со значење како и првиот. Загубата на Џијана е уште потрогателна за нас како родители. Мишел и јас праќаме љубов и се молиме за Ванеса и за целото семејство Брајант на овој незамислив ден – напиша Обама.
Брајант е роден во Филаделфија во 1978 година, а пред да замине за Лос Анџелес, добар дел од своето детство го поминал во Реџио Емилија, мало гратче во северниот дел на Италија, каде неговиот татко, Џо Брајант, играл кошаркара пет сезони.
– Коби Брајант порасна овде и за сите нас беше Реџијано. Денеска тој не остави, легенда на кошарката која целиот град засекогаш ќе го памети со љубов и почит. Чао Коби, Лука Веки, градоначалник на градот напиша на Фејсбук.
Денеска, на местото на несреќата, тим од 18 лица на Националната служба за безбедност на транспортот (НТСБ), бараа докази и ја пребарува црната кутија од хеликоптерот.
Неофицијално, се дознава дека причина за несреќата била намалена видливост и магла со превисока влажност на воздухот, а по ударот се случил силен пожар. Полицијата во Лос Анџелес вчера потврди дека поради магла и намалена видливост ги приземјила своите хеликоптери во текот на раните утрински часови до попладнето. Оттаму информираа дека тоа се случува кога видливоста е минимум до три километри а растојанието помеѓу облачниот масив и теренот е 243 метри.