Даночната реформа си има и скриени адути – на удар „капиталистите“ од обложувалницитe

Главните клиенти на играчниците на среќа не се богатите, туку луѓето со понизок социјален статус – оданочувањето на нивните добивки со 15 отсто, наместо со 10 отсто како сега, значи дека единствениот сигурен извор на нови пари, без можност за даночна евазија, ќе бидат игрите за среќа.

1613

Промените во даночниот систем што ги предложи владата и ги презентираше во изминативе денови, содржи и други, т.н. скриени даноци, предупредуваат експертите.

Под превезот на малото и речиси незначително зголемување на даноците за вработените кои имаат плати поголеми од 90.000 денари, недоволно внимание се посвети на зголемувањето на стапката на оданочување на капитални добивки на 15 отсто, при што опфатот на засегнати граѓани е значајно поголем отколку кај зголемените даноци кои ќе се прибираат по основ од персонални добивки од труд (плати).

Со невидена леснотија се лиферува информација дека само околу 40.000 граѓани ќе бидат опфатени со овие даночни промени и дека тоа е незначителна бројка, при што се форсира дека на удар ќе бидат само побогатите и подобро ситуирани граѓани. Но, дали е тоа навистина така?

Со зголемувањето на персоналниот данок на добивки остварени од капитална добивка, од досегашните 10 отсто на предложените 15 отсто, покрај дивидендите, авторските договори, кириите и друго, фактички влегуваат и игрите на среќа, а особено во сегментот посебни игри на среќа во обложувалница.

Според истражувањата за учество на граѓаните во овој вид игри на среќа во Македонија, повеќе од 30 отсто од целокупното население (работоспособни и пензионери) посетува и конзумира ваков тип на социјална забава. Тоа значи дека само со оваа промена, на повеќе од 500.000 граѓани им се зголемува персоналниот данок на нивните добитни тикети и тоа за 50 отсто повеќе од досега!

Спектарот на клиенти во игрите на среќа ги опфаќа сите старосни полнолетни групи, сите националности, а особено е значајно дека најголемиот дел од клиентите се граѓани со пониска, ниска и средна економска моќ. И тука паѓа во вода тезата на Владата дека со новите мерки се подобруваат условите за социјално загрозените, а се удира по побогатите.

Реалноста е поинаква. Од 1 јануари, приредувачите на игри на среќа, на сите свои клиенти (повеќе од половина милион), наместо 10 отсто од добивката, ќе им задржува 15 отсто од добивката. Станува збор за директно полнење на буџетот од масовен број на граѓани. Така, на пример, доколку клиентот одиграл тикет за 50 денари и остварил добивка од 2.000 денари, државата досега го оданочуваше со 195 денари (10 отсто од 1.950 денари). Сега, износот на задржаниот персонален данок за ваква добивка ќе биде 292 денари. Кај поголемите добивки, ова зголемување уште повеќе доаѓа до израз.

Со оглед на очекувањата дека поголем дел од граѓаните ќе продолќат со својата омилена забава и дека во случајов не постои можност за даночна евазија, може слободно да се каже дека буџетската каса со новите зголемени даноци сигурно ќе ја полнат само оние кои се забавуваат за мали пари, за да заборават на секојдневните грижи и проблеми. Колку е тоа праведно?

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...