Студентите трчаат по нас за да нѐ допрат!

Орде и Орце од фирмата „Оџаци“, едниот стар и искусен, а другиот со тазе сертификат и еден од првите десетмина кои ја завршија обуката за оџачари, велат дека најмногу по нив трчаат студентките од Природно-математичкиот факултет. Се разбира, поводот за ова не е ништо друго, освен верувањето дека оџачарите носат среќа.

4189

Како се чистат оџаци, која опрема се користи, како најбезбедно треба да се постават оџачарите, каква е конструкцијата на оџаците, е само дел од теоријата која ја учат кандидатите за оџачари на обуката која за првпат ја организираше Град Скопје, а завчера со сертификати се здобија и првите десет кандидати. Меѓу нив и Орце Велковски, еден од нашите двајца соговорници од фирмата „Оџачар“. Меѓутоа, тој не бил на доделувањето на сертификатите. Причината за ова е тоа што е еден од тројцата кои сопственикот на фирмата „Оџаци“, Ѓуро Поповиќ, ги вработил во својата фирма веднаш по завршувањето на обуката.

„Јас имам 20 години работен стаж, сум работел во „Раде Кончар“, во „Вита прес“, во „Треска мебел“, секаде, но кога ќе останеш без работа мора нешто да работиш. За огласот ми кажаа пријатели, се јавив и отидов на обуката. Имавме и теоретски и практичен дел. Теоретскиот дел ни го предаваа професори од СУГС „Здравко Цветковски“, а практичниот дел го поминавме кај Ѓуро, газдата кадешто сега работам веќе 2 месеци како оџачар“, вели Орце.

Тој не верува во она дека оџачарот носи среќа и самиот никогаш не трчал за да допре некој од нив, дури ни како дете, но не му пречи кога сега го допираат него.

„Иако кратко време работам како оџачар, не ми пречи кога сакаат да ме допрат и се надевам дека навистина некому ќе му донесам среќа. Сум слушнал и такви приказни за луѓе на кои им се случило нешто убаво, па се јавуваат во фирмата да споделат“, вели Орце.

Неговиот постар колега Орде Ристески е оџачар со стаж. Поточно, работи како оџачар, инаку, по професија е машинец -железарец. Како оџачар работи десетина години во фирмата на неговиот пријател.

„Фирмата „Оџаци“ е на мојот пријател, а ја основаше неговиот татко пред повеќе од 20 години. Работел во „Комуналец“ и бил одговорен за оџачарската служба, бидејќи тогаш сѐ уште немаше приватни фирми.

Јас сум „Железарец“, таму се пензионирав, но хонорарно ме ангажираат во фирмава по 5-6 до 10 дена, односно, секогаш кога имаат потреба. Бидејќи сум машинец, чистењето оџаци за мене е лесна работа. Сум правел ремонт на огромни машини, големи како зградава. Се разбира, чистењето оџаци е одговорна работа и бара психо-физички здрави лица зашто сепак, се качуваш на покриви, не може секој да го прави тоа, а и оџакот мора добро да се исчисти за да нема потоа несакани последици“, објаснува Орде.

Вели дека откако работи како оџачар постојано му се случува да му приоѓаат луѓе, но дека дефинитивно најмногу тоа го прават студентите, а особено студентките од Природно-математичкиот факултет во Скопје.

„Обично кога чистиме во општина Гази Баба, оттука поминуваат студентите од Природно-математичкиот факултет па кога ќе нѐ видат како се паркираме, трчаат по нас за да нѐ допрат. Им велам, ајде, ајде, ќе положите денеска и им го посакувам тоа, а дали и навистина потоа ги положуваат тие испити, не знам“, се смее господин Орде.

Инаку, и двајцата немаат проблем со височините. Велат дека работата е напорна, но некој мора да го работи и тоа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...