Град Скопје распиша за изнајмување магацински простор во кој ќе ги чува моделите од скулптури, спомен обележја и друго.
Изнајмувањето на просторот, како што е објавено на е-набавки, ќе биде една година, а проценетата вредност без ДДВ е 2.118.644 денари (околу 35.000 евра).
Според она што се бара во тендерот, магацинскиот простор треба да биде затворен со големина од 700 квадратни метри,висина на плафон од осум метри и висина на врата од шест метри. Дополнително дворната површина треба да изнесува најмалку 2.000 квадратни метри и да е на оддалеченост до шест километри од Скопје.
Покрај другото објектот треба да има обезбедување 24 часа, а се бара и постојан пристап на овластени лица од Град Скопје.
Кои модели на скулптури и скулптури и други спомен обележја се планира да бидат складирани во овој простор, сѐ уште не се знае, но се претпоставува дека најверојатно ќе се складираат дел од скулптурите од проектот Скопје 2014 кои беше најавено дека ќе се отстрануваат.
Градот Скопје, според она што вчера го изјави градоначалникот Петре Шилегов има ингеренции само за пет споменици, од кои веќе еден е отстранет и дополнително за галиите изградени во реката Вардар.
Моментално само споменикот на Ќосето е отстранет до страна на Град Скопје, а за останатите четири, како што рече вчера градоначалникот, се води постапка.