Па, да го признаеме Косово …

Цената е голема. Да ја платиме. Се плаќа со дел од земјата, таа земја каде што сè започнало пред шест века. Оттаму тргна лагата која стана вистина. Тука поразот стана победа.

1685

Цената е голема. Да ја платиме. Се плаќа со дел од земјата, таа земја каде што сè започнало пред шест века. Оттаму тргна лагата која стана вистина. Тука поразот стана победа. Се прогласуваа предавници и јунаци кои не биле тоа и така ќе биде сè до денешни дни.

Мислиш си ги платил сите сметки, го отвораш поштенското сандаче и излегуваат нови. Не се може повеќе, ама ти велат – може, може. И до кога вака? Уште малку, уште малку, велат во еден глас струјата и телефонот. На улица зборува една жена – Само да нема војна и да сме живи и здрави. А ако се разболиш? Да не даде господ. Можеби и таа, војната е подобра, можеби овој пат ќе ме стрефи нешто на глава, па да ме нема веќе … И бре, комшија, што сѐ толку црно?

Ти го мелат и ова малку мозок што ти останал. Не го даваме Косово, викаат многумина. Не го даваме, викаш и ти. Кажуваат дека сме грешеле многу, многу зло сме направиле и можеме да продолжиме само со искупување. Па, да се искупиме. Цената е голема. Да ја платиме. Се плаќа со дел од земјата каде сè започнало пред шест века. Оттаму тргна лагата која стана вистина. Тука поразот стана победа. Се прогласуваа предавници и јунаци кои не биле тоа и така ќе биде сè до денешни дни, пишува актерот Чедомир Петровиќ во Данас.

Многумина се за замрзнување на конфликто и оставање на нерешениот проблем со Косово на следните генерации кои доаѓаат. Има тоа во светот. Замрзнуваат и луѓе, па кога ќе најдат лек против болеста од која замрзнатиот умрел, како што рече Фридрих Барбароса во „Немањиќи“, ќе го одмрзнат. Што ќе биде од нив кога ќе се растопат, никој жив не знае? Можеби и ќе се пронајде лек и за замрзнатите, ама косовското прашање ако не се реши сега, ќе остане замрзнато до некоја нова, скорешна војна што ќе избие поради него. И крменадлата кога ќе ја извадиш од фризот после три месеца, не чини околу коските.

Велат – Можеби Милош Обилиќ не ни постоел? Како не … а тие 20.000 илјади Турци што сам ги испосекол на Косово Поле? Можеби сме ја игубиле и битката на Косово? Како изгубиле … па на таа победа ние ги добивавме сите подоцнежни битки? Тоа се само митови и легенди.

А нашите народни епски песни кои беа единствените факти за настаните и личностите за кои пеат, авторитети од највисоко историско значење. Беа единствените учебници од кои ја учевме нашата дамнешна историја и ја пренесуваме од колена на колено. На нив се раѓаше и формираше српскиот менталитет и карактерот на личностите, кои се составен дел од особините на српскиот народ, кои со текот на годините тешко се менуваат, особено оние лошите.

Што е вистината? Пронајди сам. Каде? Во главата. Во која глава, кога таа е полна со депонии на лаги и навреди, примитивизам и омраза … уфрлаа во неа од мали нозе се и сешто. Не знам повеќе ниту кој сум, а сум бил. Ниту што сум работел, а работев. Ниту дали постојам, а постоев.

Велат – Ќе живее овој народ ако им пријдеме на моќните, на најмоќните во светот. Па, да им пријдеме. Па, тогаш ќе мора да ја признаеме независноста на Косово. Па, да ја признаеме. Таму е светата српска земја. Ќе биде и понатаму. Нашите манастири. Ќе ги чуваат подобро од нас. Нашиот народ? Ќе живее добро кога сѐ ќе се разреши и смири. Косово бара столче во Обединетите нации. Па, не може да стои … мора да седне. Ќе мораме да воведеме санкции на Русија. Пa, да воведеме. Ние, малата Србија, на големата Русија? Ќе сфатат, ако се искрени пријатели, дека тоа е смешно и мора да сме во очајна ситуација кога го правиме тоа.

Велат – Нема да добиваме веќе воена помош од Русите, не можеме сами и неутрални. Ќе не одвеат ветровите. Па, да влеземе во НАТО. Дали си ти нормален? Не сум. Тие не бомбардира, убиваа, рушеа … па сега со нив? Не убиваа и бомбардираа и Турци и Австријци, и Германци и Американци, и кој сè не, па сега сме добри со нив и нема да мораме повеќе да одвојуваме огромни пари за војска, ниту да се грижиме дека некој ќе не нападне некогаш. Тие пари ќе бидат добродојдени за описменување и бразување на народот, пред да влеземе во таа Европска унија. Има многу затуцаност кај нас Србите и религиозна и културна и секаква друга.

Ние сѐ уште не сме се мрднале од Косово, сѐ уште сме заплеткани во мрежата на најцрниот национализам, во со векови скаменетата традиција, со целосна помош и под покровителство на Српската православна црква. Времето застана за нас.

Нашите слики се иконите, нашето светло газиените лампи, кандила и црковните свеќи, на рацете искапани со восок на плускавците од орање со рало, мирисаме на темјан, ја делиме последната корка леб и чашката ракија со патник намерник, жените ни ги мијат нозете и стојат покрај масата додека машките јадат, го убиваме престолонаследникот и трудната жена, раскинуваме пактови и мочаме на Германците.

Има и такви кои сакаат, како некогаш, да тргнеме на Косово со војска? Не сум сигурен дека би било паметно … Тоа би било последното покренување и последната битка на нашата војска која би траела многу кратко и после што не би ни била потребна ниту Европската унија, ниту било кој на светот.

Мора народот на Србија да се праша на референдум, дали е за промена на Уставот. Можеби би било паметно тоа некако да се прескокне. Чуден е овој народ, да му ја дадеш судбината во негови раце. Ама, ако мора, тогаш референдумското прашање може да го реши исходот.

Би требало кристално јасно да се објасни тоа што е во суштина најважно за народот, зашто него ништо друго и не го интересира, а тоа е – Што добива, а што губи, со откажување на еден дел од својата територија, во која повеќето никогаш не стапнале, ниту знаат каде се наоѓа. Најмудруит човек на Србија од минатиот век, Душан Радовиќ, чии книги можеа да се сместат во една реченица, не верувам дека би можел да состави прашање на помалку од една страница.

Како во една просто проширена или сложена реченица може да се сместат векови? Дали референдумското прашање за Косовскиот бој било пишано преку страшната клетва на кнезот Лазар, која не следи до денешни дни …
„Ko je Srbin i srpskoga roda
i od srpske krvi i kolena,
a ne doš’o na boj na Kosovo
ne imao od roda poroda,
ni muškoga ni devojačkoga!
Od ruke mu ništa ne rodilo
rujno vino, ni pšenica bela
Rđom kapo dok mu je kolena!“

Навистина симпатичен и пријатен повик на српскиот народ да оди на Косово и да си ја стави главата на трупец. И многу живописно објаснување што сѐ го чека, ако не се појави. Да се обидеме да тргнеме малку напред … можеби и ќе биде нешто од нас?

Зоран Ѓинѓиќ рече: „И јас ви кажувам, гледајте во иднината, гледајте во иднината и таму ќе се сретнеме Вие и јас …“

Верувам дека нема да се налути на мене што ќе напишам: „Гледајте во иднината, гледајте во иднината и таму во Унијата, Косово и Србија повторно ќе се состанат …“

(Најчитан авторски текст во месец мај во весникот „Данас“)

Подготви: А.Ј.

ФОТО: Битка на Косово, сликар Адам Стефановиќ, 1870

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...