Во „пет до 12“ ќе се пополнуваат десетина амбасадорски места

Долгата и сложена процедура за испраќање дипломати создава неизвесност дали до распуштањето на овој собраниски состав ќе бидат пополнети барем половина од 23 испразнети амбасадорски места

1239

Барем десетина имиња за нови амбасадори во празните дипломатско-конзуларни претставништва  на земјава, според најави од владата, се очекува да бидат утврдени како предлози на утрешната владина седница. Предлозите потоа ќе бидат испратени  кај претседателот Стево Пендаровски, така што идните амбасадори, според проценките, во најдобар случај, би можеле да ги преземат функциите во првите месеци од следната година, што би значело пред изборите на 12 април.

Со оглед на најавите дека на оваа седница нема да бидат утврдени сите 23 испразнети позиции – од вкупно 42 амбасади, осум постојани мисии и девет генерални конзулати на земјава, проценките се дека комплетирањето на дипломатската мрежа, сепак, ќе ја чека“ новата влада. Ако, во меѓувреме, биде усвоен новиот закон за надворешни работи, пак, значително ќе се намали можноста за именување дипломати однадвор, односно амбасадори кои нема да бидат од редовите на МНР.

Новиот закон за надворешни работи, за кој почнува јавна расправа, предвидува од вкупниот број шефови на ДКП најмалку 80 проценти да бидат од редот на кариерните дипломати. Наспроти тоа, сегашната регулатива дозволува најмногу една третина од вкупниот број на шефови на ДКП  да може да се именуваат од редот на истакнати личности од областа на надворешната политика, меѓународните односи, меѓународното право, науката и и културата. Во таа категорија, всушност, е и идниот амбасадор на Северна Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, Дане Талески, кој моментно е советник на премиерот Зоран Заев, а паралелно е секретар за меѓународна политика во СДСМ. Другите предлози за амбасадори не се откриваат засега, со објаснување дека е дипломатско правило да не се објавуваат имињата на кандидатите додека тие не бидат потврдени од државата „домаќин“.

Од владата и од МНР велат дека предлозите за нови амбасадори што ќе бидат утврдени во овој турнус се усогласени со шефот на државата. Од кабинетот на Пендаровски, пак, единствено велат дека чекаат владата да достави предлози за амбасадори.  Ако претседателот ги прифати предлозите на владата, МНР ќе треба да побара агремани за кандидатите од државите во кои ќе ја извршуваат мисијата. По добиениот агреман и завршените подготовки за преземање на должноста, вклучително со презентацијата на тезите на идните амбасадори пред собраниската Комисија за надворешни работи, шефот на државата ќе може да ги потпише указите за испраќање на амбасадорите во нашите ДКП. Ваквата долга и сложена процедура, всушност, создава неизвесност дали новите амбасадори ќе стигнат да ги преземат функциите пред распуштањето на овој собраниски состав околу 11 февруари.

Прашање е дали на утрешната владина седница воопшто ќе биде пополнето амбасадорското место во Вашингтон. Освен тоа веќе подолго време се празни и нашите амбасади во речиси сите соседни земји, освен во Бугарија. Немаме амбасадор ниту во САД Хрватска и Црна Гора, како и во Белгија, Холандија, Италија, Русија, Кина, Австралија. Некои од амбасадорските места се празни уште од 2016 година, поради лошата кохабитација на оваа влада со претходниот претседател Ѓорге Иванов.

Наместо на вообичаената седница во вторник, владата ќе ги утврдува предлозите за амбасадори  в четврток поради тоа што се чекало министерот за надворешни работи Никола Димитров да се врати од службен пат. Утре, според најавите, треба да биде утврден и дополнетиот текст на буџетот за 2020 година, пред почетокот на пленарната расправа во Собранието.

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...