Лекарите советуваат – подгответе го организмот на претстојното намалување на тропските температури, а особено да внимаваат хронично болните кои поради најавениот дожд може да имаат проблеми со дишењето. Но освен нив, проблеми со дождот ги демнат и возачите кога возат на лизгави коловози. Ова особено важи за мотоциклистите!
– Се очекува намалување на температурите до крајот на неделата, па не очекуваме зголемен број на интервенции поради колапси и друго, како што имавме досега поради топлото време. Но, бидејќи, почна новата учебна година, а и граѓаните се вратени од годишен одмор, зголемен е бројот на жителите, во однос на јули и авгус, па по тој основ се зголемуваат и повиците кон нашата служба. Надворешните температури сега се адаптибилни и не се толку високи, не би требало да имаат поголемо влијание на здравјето, бидејќи организмот се прилагодува. Но сепак, најавената промена на времето може да влијае на хронично болните кои на такво време може да имаат тегоби со дишењето, заради влагата, па оттаму, тие треба редовно да ја земаат основната терапија и да не излегуваат надвор кога има влага – вели д-р Весна Крстевска, специјалист по ургентна медицина во Службата за итна медицинска помош во Скопје.
Таа советува и во однос на исхраната, граѓаните да се придржуваат кон советите и редовно да консумираат течности и полесна храна, но да продолжат особено да внимаваат на клима уредите.
– Исхраната да биде со внесување свежо овошје и зеленчук и доволно течности, воздржување од обилна и мрсна храна, за полесно да се помине промената на времето. Особено предупредуваме да се внимава на подесувањето на клима уредите, за температурите во просторијата да не бидат пониски од 5 степени од надворешните, бидејќи токму наглите промени предизвикуваат потешкотии со здравјето, но дури може да доведат и до фатални последици. Наглите промени во организмот предизвикани од излегување на топло по престој во студена просторија носат проблеми по здравјето, бидејќи се шок за организмот – вели д-р Крстевска.
Нервозата сега не е „подгреана“ од топлото време
Во врска со тоа може ли поради се уште топлото време, кое трае еве веќе три месеци да биде зголемена и нервозата кај граѓаните, а да паѓа концентрацијата, што особено е важно за возачите, таа со одговор:
– Дење се уште е топло, но ноќите се посвежи, а температурите веќе не се толку високи за да влијаат да се чувствуваме понервозно. На тоа повеќе влијае тоа што завршија годишните одмори, па граѓаните им се вратија на работните обврски што може да предизвика нервози, а поголеми се и турканиците низ градот. Сообраќајот е зголемен, а особено мора да се внимава во Скопје каде се прават улици и се создава голема гужва од т.н сообраќајни џебови. Па граѓаните кои се сега дојдени од одмор не се навикнати на овој метеж, па се јавува нервоза. Зголемен е број на фреквентни сообраќајници, а очекуваме така да биде и наредниот празничен викенд, затоа мора да се внимава и при патување навреме да се тргне и при заминувањето и при враќањето дома. Сообраќајот ќе биде зголемен, а со тоа и нервозата кај возачите – додава д-р Крстевска.
Не тргајте во 5 до 12!
Таа советува да бидеме подготвени на тоа дека ќе има поголема фреквенција на возила и гужва на сообраќајниците.
– На пат да не се тргнува во последен час, па потоа други да ни се виновни што е гужва на патот! Бидејќи се очекуваат и врнежи од дожд в петок, со оглед дека беше суша и подолго време има прашина на патиштата, која по првиот дожд којшто ќе заврне предизвикува и лизгање на патиштата, па веројатноста од лизгав пат возачите секако да ја имаат во вид, особено мотоциклистите. Токму поради оваа појава, прашината помешана со дожд доведува до лизгање и, за жал, зголемен број сообраќајни незгоди, како и зголемен број повици кон нашата служба – нагласува д-р Крстевска.
Во скопската Брза помош денеска нема зголемен број повици од граѓаните за итни интервенции.