Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги објави имињата на 21 екипи кои добија директно место во групите од ЕХФ Лигата на шампионите за сезоната 2019/2020. На таа листа се најде и македонскиот шампион Вардар, кој е и актуелен европски првак.
„Црвено-црните” ќе играа во А или Б групата, кои според квалитетот се најсилни. На 27 јуни ќе биде извршена ждрепката кога ќе бидат и познати нашите ривали.
Според пропозициите на ЕХФ, на секоја земја и следува право на едно место во ЛШ за кое сепак националната федерација треба да се пријави. Доколку некој клуб сака да игра во групите од ЛШ, а не е првак тоа може да го стори со пријавување преку сопствената федерација. Потоа ЕХФ разгледувајќи осум други критериуми решава дали и тој клуб може да биде вклучен.
Од бројот на пријавени клубови потоа се одредува дали ќе има потреба од квалификации.
Останува истиот систем на натпреварување, со две групи со по 8 екипи, и плус уште две групи со по 6 екипи.
Дополнително место во ЛШ од Северна Македонија ќе бараат и Еурофарм Работник и Металург.
Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI