Флавио Бријаторе е на мислење дека „Ферари“ едвај ќе ја освои светската титула во Ф1 во 2019-та. Многумина очекуваат италијанскиот тим да покаже сила во следниот старт во Бахреин, бидејќи доминираа за време на зимските тестови, и се чини дека се во состојба да го поразат „Мерцедес“. Но, поранешниот шеф на Рено не е толку сигурен.
– Ќе биде многу тешко. Ништо не е променето во споредба со минатата година. Имаа три месеци во текот на зимата да се подготват, но Ферари дури не се блиску до скратување на растојанието со „Мерцедес“ – изјави Бријаторе за „Радио Капитал“.
Италијанецот верува дека „Мерцедес“ повторно ќе го освои шампионатот.
– Со толку силен „Мерцедес“, единствената трка е меѓу Хамилтон и Ботас. За да ги победат, „Ферари“ треба да стопат 8-9 десетинки. Сметам дека „Мерцедес“ ќе продолжи да доминира. Да, Австралија не е типична трка, но ако си силен, силен си насекаде. Штом започнуваат со правдања уште од првиот старт, значи ќе биде многу тешко – вели поранешниот шеф на Рено.
На прашањето каде според него е грешката на Ферари, Бријаторе прокоментира вака:
– Веројатно сѐ си функционира, но веќе имаме шампионат за гуми, а не за пилоти. Трката стана толку технолошка, што слушаш коментаторите како зборуваат само за гуми, гуми, гуми, наместо за борба на гладијатори.