Хирургот Тони Јосифовски од „Аџибадем Систина“ денеска сведочи на рочиште во „Рекет“, како сведок на одбраната на првообвинетиот Бојан Јовановски Боки 13-ка.
Тој рече дека како хирург работи десет години, а дека Боки го знае околу две години. На прашање на адвокатот на Боки, Сашо Дуковски, хирургот Јосифовски рече дека два пати му извршил оперативен зафат за намалување на телесната тежина која првично била 135 килограми, а Боки сакал да има 70 килограми.
Лекарот рече дека прво се сретнал со Боки во „Аџибадем Систина“, а имал средба со него и надвор од болницата и тоа во кафулето „Лајф кафе“ и во домот на Боки. По ова Дуковски побара вкрстено да го испрашува Јосифовски со оглед на тоа што го прогласи за непријателски сведок. Тој го праша хирургот дали ги познава Катица Јанева и Зоран Милески Кичеец, а тој одговори „да“.
– Ќе се согласите ли со мене дека Камчев барал од вас Катица да се оперира во болницата и таа операција да се изврши преку други влезови?
– За операција немаше инсистирање – одговори сведокот.
– Ќе се согласите дека сте вршеле интервенција врз Јовановски во домот на Камчев? – праша Дуковски, на што сведокот одговори „да“ и објасни дека Јовановски не сакал да доаѓа во болницата, па во домот на Камчев се вршеле преврски откако кај оперираниот се појавил декубит.
– Вие ја теравте Катица да се оперира и вие баравте алтернативни патишта каде да се оперира – одговори сведокот на прашањето на Боки дали лекарот ја терал Јанева да се оперира.
Јовановски го праша хирургот Јосифовски дали во јануари 2019 година лекарот му донел дома торта, а лекарот одговори потврдно. Потоа Јовановски го праша дали тогаш бил заедно со Ана Камчева, а хирургот одговори „тоа е ноторна лага, не“.