Последно номинираниот кандидат во американската Демократска партија за претседателските избори следната година, Мајкл Блумберг, вчера изјави дека САД имаат потреба од „страшно многу повеќе имигранти, а не од помалку“, пренесоа американските медиуми.
– Имаме потреба од имигранти, кои ќе заземаат различни видови работни места од кои земјата има потреба, ќе ја подобрат културата, кујната, нашата религија и со сигурност ќе ја подобрат нашата економија – изјави милијардерот пред новинарите во еден мексикански ресторан во Финикс, во сојузната држава Аризона.
Блумберг повторно се извини дека како градоначалник на Њујорк ја поддржал праксата на полицијата да запира и претресува сомнителни лица.
– Колку пати сте слушнале луѓе на избрана функција да кажат „направив грешка“, запраша Блумберг. Жалам што така се случи, не можам одново да ја пишувам историјата. Да продолжиме напред – додаде тој.
Настанот беше организиран во кварт во Финикс, населен главно со латиноамериканци – демографската група која помогна во изборната победа на неколку демократи, откако децении наназад Аризона беше под доминација на републиканците.
Фото: EPA/Martin Sylvest