Менаџерот на Њукасл, Стив Брус им забрани на играчите на тимот и клупскиот персонал да се ракуваат. Ова е прво „вето“ во клуб од Премиер лигата, поврзано со коронавирусот КОВИД-19.
– Во клубот има ритуал каде сите се ракуваме. Ние ја прекинуваме оваа практика по совет на нашиот лекар. Сите се надеваме дека ситуацијата со овој проблем нема да се влоши на територијата на земјата – прокоментира Брус.
Денес, Њукасл го пречекува Барнли на „Сент Џејмс Парк“ во 28-то коло од Премиер лигата од 16:00 часот по македонско време.
Професорот Крис Вити објави дека земјата мора да биде подготвена за месеци на хаос поврзан со откажување на спортски настани, концерти, па дури и затворање на училиштата заради коронавирусот.
Ова значи дека има закани за Премиер лигата, натпреварите во Премиер лигата, финалето на ФА Купот и други масовни настани.
Дури и популарниот лондонски маратон во април може да биде откажан откако организаторите објавија дека внимателно ја следат состојбата со ширењето на заразата.