Легендарниот германски тенисер Борис Бекер (51) за излез од финансиската криза се реши за тотална распродажба на лични работи, сувенири, но и трофеи што ги освои во текот на кариерата во вкупна вредност од 200.000 фунти.
Целта, како што објавија медиумите во Велика Британија, е да собере средства за исплата на долговите.
На наддавање ќе бидат ставени реплики на пехарите од Вимблдон, од Ју-Ес опен и од Дејвис купот, разни медали и парчиња гардероба. Меѓутоа и рекети, рачни часовници, маички, па дури и чорапи.
Аукцијата е во тек, во неа може да се учествува преку интернет и ќе трае до 11 јули, а продажбата е во организација на стечајни управители.
Бекер, кој во кариерата освои шест гренслем турнири, беше принуден да прогласи банкрот во 2017 година. Аукцијата за продажба на неговите работи беше организирана и закажана и претходно, но беше одложена бидејќи Германецот во судската постапка се повика на дипломатски имунитет како аташе за спорт и за култура на Централноафриканската Република.