Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски по синоќешната победа од 3:1 на Градскиот стадион во Скопје на почетокот на квалификациите за ЕП 2020, изјави дека е задоволен од играта и дека заслужено оствариле победа.
Алиоски постигна еден погодок, Елмас два, а Пандев запиша асистенција во неговиот јубилеен 100-ти натпревар во дресот на Македонија.
– На убав начин му го честитавме јубилејот на Пандев. Елмас беше одличен, со два гола му честиташе на батко Горан. Го остваривме тоа што го најавувавме, освоивме три бода. Мислам дека е сосема заслужено. Мислам дека моравме и порано да го решиме натпреварот, но на крајот добро се заврши – изјави селекторот Ангеловски по мечот.
Селекторот, сепак, истакна дека нема простор за еуфорија, откако дуелот со Словенија е веќе во недела и треба да се подготват за мечот во Љубљана. Словенија синоќа одигра нерешено со Израел на гости.
– Не треба да нѐ фаќа еуфорија, нѐ очекува нов меч, против Словенија во Љубљана. Мораме да се фокусираме на овој меч. Сакам да ги повикам нашите иселеници таму да дојдат и да ни дадат поддршка – додаде Ангеловски.
Дуелот од второто коло од квалификациите за ЕП 2020 е во недела од 20:45 часот на „Стожице“.