Членови на анархистички организации претпладнево влетаа во дворот на Конзулатот на Турција во Солун, во знак на поддршка за Курдите, полицијата приведе најмалку 10 лица, а грчкото МНР го осуди инцидентот, јави дописничката на МИА од Атина.
На истиот простор заедно со конзулатот е и Спомен куќата на Ататурк, па според локалните медиуми, анархистите, преправајќи се дека се туристи успеале да влезат во дворот, по што започнале да извикуваат слогани и подигнале пано со поддршка за Курдите.
Одговорноста за нападот ја презедоа „Ослободителната иницијатива од Солун“ и анархистичката група „Рубикон“, објаснувајќи дека упадот бил бидејќи ја поддржуваат и ќе продолжат да ја поддржуваат “ослободителната битка во Курдистан”.
– Бевме, сме и ќе бидеме солидарни во пракса. Сите да го запомнат ова – пишуваат анархистите.
Еден од првите луѓе на Рубикон вели дека и покрај строгите безбедносни мерки, членовите на групата успеале да влезат во внатрешноста на конзулатот и додава дека се во исчекување дали приведените лица ќе бидат и уапсени.
Инцидентот што се случи претпладнево во Солун, го осудија од Министерството за надворешни работи на Грција.
– Остро го осудуваме нелегалниот влез на членови на анархистички групи во дворот на Генералниот конзулат на Турција во Солун каде што се наоѓа и спомен куќата на Ататурк. Станува збор за неприфатлив и неодговорен чин. Надлежните грчки власти, кои уште од прв момент се мобилизираа веќе приведоа осомничени и ги преземаат потребните чекори за истрага на случајот, а одговорните да бидат изнесени пред лицето на правдата – соопштуваат од грчкото МНР.