А два дена, се два дена…

Максимум што може да издејствуваат вашите се два дена без ќутек, пардон, без казна, додека не ја потврдите информацијата...

928

Старата, мајка ми, беше опасен џандар, дежурен инспектор, постојан неплатен набљудувач делегиран од ОВН, (обединетите вселенски нации), задолжена за движењата, однесувањето и напредокот на нејзините деца на улиците и посебно во училиштата од основното и средното образование, а може да се рече и понатаму, во високото образование. Имеше “нос“ да ги помириса тројките и четворките, лажгите на децата дека тие не го скршиле коренот патлиџан во бавчата на чичко Дуле земајќи ја топката од таму, абе каков Мамли, каков Колумбо, Коџак и Елиот Нес заедно, сите можеа вода да и носат, затоа што нејзиниот изострен мирис беше врз база на мајчинската поврзаност со сопствените чеда, и тој инстинкт не правеше грешки.

И ден денес, со сестра ми, не знаеме како ги намирисуваше слабите оценки и маалските киксови кај секој од нас, ама, после таков настан, таа значајно го менуваше односот кон нас. Дали дека си ја имавме мувата на капата па така ни се чинеше, ама, верувавме дека таа за слабите оценки и лошото однесување на улица, знаела пред да дознаеме јас и сестра ми. Например, ако денес не писмена по математика сум добил тројка, тој резултат и го кажував на сестра ми, и обратно, таа на мене, ама со договор дека за тоа никако не смее да дознае старата, иначе, наебавме двајцата. Неисе, иако верувавме дека таа знае, дента поминувавме без ќутек. Ако и утредента денот го поминевме без казна, ондак, ќарот беше голем. Два дена откако си ја направил грешката си останал не казнет, бе еј, а ти раат, тоа беше максимум бонус што не беше за потценување! Нема везе што „етерот“ низ куќа укажуеше на сѐ, дека тоа ќе се случи третиот ден, ама два дена без ќутек се два дена, нели…?

У тоа време немаше интернет и други современи брзи комуникациски средства за информирање на родителите, па иако доцнеа два дена, третиот ќе го окркаше со закачалка по глава, со каиш по газот, со сукало по грб, со пропратна казна за еднонеделна забрана за излегување на улица, и ќе го запамтеше денот кога си заебал работа, за да не го направиш тоа друг пут. Тука немаше трт мрт, дисциплина или смрт…

Не сакам да ги обвинувам сите денешни млади, ниту нивните родители, ама, да се соочиш со лоша оценка на сопственото дете по допрен глас, заради неговото улично однесување, заради ниските оценки во училиштата, истото да го потврдиш и од официјални извори, и сето тоа да се обидуваш да го браниш, само заради тоа што детето е твое, дека кадарот е твој, ондак, другарице и другови, заебете ги амбициите да водите држава, бре. Максимум што може да издејствуваат вашите се два дена без ќутек, пардон, без казна, додека не ја потврдите информацијата…

А два дена се два дена, не се заебанција… Тенкју…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...